Љубителите на книгата и членовите на Клубот „Матица“, до 20 август, ексклузивно имаат убава можност да ги збогатат своите библиотеки од богатата колекција на изданија, по исклучително достапни цени. Со цел книгите на македонски јазик и натаму да се сѐ поприсутни во секој македонски дом, попустот се однесува и на најактуелните изданија. Со акцијата на издавачката куќа „Матица“ се опфатени над 3.000 наслови, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори.
– Ставен е акцент и на книгите од македонски автори, како и на најновите бестселери од светски познати автори. Оваа година, за акцијата „Со книга на плажа“, e направен голем избор од илјадниците автори, книги и приказни – најбараното и од домашната продукција и од светската книжевност. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фантастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија – велат од „Матица“.
Оттаму посочуваат дека години наназад, со акцијата „Со книга на плажа“ и со манифестацијата „Книга во секој дом“ се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат силен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа. Изданијата опфатени со акцијата „Со книга на плажа“ и годинава се достапни и преку е-книжарницата на „Матица македонска“.