Никушор Дан, поранешен олимпиец по математика и долгогодишен активист против корупцијата и дивоградбите, во неделата беше избран за претседател на Романија во 2025 година. Како независен кандидат со проевропски и антикорупциски пораки, тој го победи националистот Ѓеорѓе Симион во вториот круг од изборите, освојувајќи околу 55% од гласовите.
Неговото издигнување од професорската клупа до највисокиот политички врв во Романија ја симболизира новата генерација политичари на кои граѓаните им веруваат поради нивните резултати, а не поради популизмот, пренесуваат медиумите во Романија. И неговиот живот, навистина, е вреден за филм.
Роден во 1969 година во Фегараш, Никушор Дан се истакна на светско ниво како средношколец, освојувајќи два златни медали на Меѓународната математичка олимпијада – и со максимален број поени. Откако студирал математика во Букурешт, го продолжил своето образование во престижната École normale supérieure во Париз, каде што и докторирал.
И покрај можноста да остане во Франција, тој се вратил во Романија во 1998 година за да работи со талентирани студенти и да учествува во обликувањето на академскиот живот во земјата.
Иако надвор од партиските структури, Дан стана познат во раните 2000-ти по основањето на здружението Save Bucharest (Salvați Bucureștiul), преку кое водеше правни битки против дивоградбите и злоупотребите во урбанистичкото планирање.
Неговата борба роди политичко движење – прво Сојузот за спас на Букурешт (Uniunea Salvați Bucureștiul), кој во 2016 година прерасна во Унија за спас на Романија (Uniunea Salvați România – USR), денес една од највлијателните реформистички партии во земјата. Подоцна ја напушти USR, но ја задржа поддршката од граѓаните како независен кандидат.
На локалните избори во 2020 година, Дан ја победи тогашната градоначалничка Габриела Фирја и стана првиот независен градоначалник на романската престолнина. На изборите во 2024 година повторно го доби мандатот потврдувајќи ја поддршката од граѓаните, иако во мандатот беше критикуван за бавните инфраструктурни проекти и честите политички блокади.
Неговиот модел на управување се засноваше на транспарентност, објавување на сите јавни набавки и инсистирање на законитост – што му донесе углед на чесен лидер.
Тој влезе во претседателската трка во 2025 година како независен кандидат со центристичка ориентација, со јасни проевропски ставови. Во првиот круг освои 21% од гласовите, а во вториот триумфираше над Симион, кандидатот на националистичката партија Алијанса за обединување на Романците (Alianța pentru Unirea Românilor – AUR), кој доживеа пораз и покрај силната кампања.
Победата на Дан беше поддржана од мнозинството од дијаспората, но и од урбаните и образовани слоеви на Романија, кои веруваа во него поради неговата доследност и стручност.
За време на неговата политичка кариера, тој се соочуваше со критики за неговиот „технички“ пристап кон политиката и бавните промени на теренот, но никогаш не беше вклучен во корупциски скандали, што го издвојуваше од повеќето политичари.
Во приватниот живот Дан е партнер на виолинистката Мирабела Градињару со која има две деца. Тој останува близок со академската заедница и често им помага на младите математичари.