Масовни апсења на деца низ Европа: Некои од нив имаат само 14 години, а сите имале иста цел!

731

Вештачката интелигенција, колку и да е корисна, е растечки фактор во радикализацијата на младите. Ова го покажуваат случаите на тинејџери кои планирале терористички напади во Европа во последните неколку години.

Волстрит џурнал пишува дека во последните месеци, низ цела Европа се уапсени неколку десетици млади луѓе, некои на возраст од само 14 години, под обвинение за планирање напади врз музички сали, трговски центри и верски објекти поради идеолошка радикализација.

Една од позагрижувачките области е Белгија. Една третина од сите случаи на тероризам во Белгија помеѓу 2022 и 2024 година вклучувале малолетници. Во Британија, речиси еден од пет осомничени за тероризам бил дете. Студиите покажаа дека за време на пандемијата во Обединетото Кралство, бројот на апсења за тероризам се намалил кај сите возрасни групи, освен кај децата, објавува „Јутарњи лист“.

„Новина е бројот на млади луѓе кои се директно вклучени во планирањето насилни напади, вклучувајќи и многу млади лица“, изјави за Волстрит џурнал, Томас Ренард, директор на Меѓународниот центар за борба против тероризмот во Хаг.

Речиси сите млади луѓе се радикализираат преку Интернет, а Интернетот се покажа како поефикасен во забрзувањето на процесот на радикализација. Според Глобалниот индекс на тероризам, просечното време потребно за радикализација во 2002 година било 16 месеци. Во 2015 година, тоа време беше скратено за 40 проценти. Денеска, се доволни само неколку недели.

Пример за типичен екстремист од генерацијата Z е млад човек кој моментално е на судење во Белгија. Абдул Керим Гадаев, 19-годишен чеченски бегалец, се радикализирал откако неговиот татко бил депортиран од Франција во Русија. По депортацијата, тој почнал да се чувствува отуѓен во училиште. Тој напиша на интернет дека сака да го повтори Батаклан, терористичкиот напад од 2015 година во кој загинаа 90 лица.

Во Шодфонтен, малата белгиска општина каде што Гадаев се населил со својата маќеа по депортацијата на неговиот татко, младиот човек заостанувал во училиште. Тој пронашол групи врсници на интернет кои биле заинтересирани за спорт и религија, особено на ТикТок каде што неговите кругови станувале сè повеќе политички ориентирани.

„Бев на мобилен телефон 24 часа на ден“, рече тој.

Во февруари минатата година, тој се приклучи на оперативен канал на апликацијата Signal каде што членовите почнаа да го планираат нападот, според обвинителите. Некои имале само 13 години. Тие разговараа како да набават оружје и споделија фотографии од целта – концертната сала „Ботаник“ во центарот на Брисел. Гадаев изјави дека е спремен да учествува, под услов нападот да биде добро подготвен.

Говор на омраза

Во март 2024 година, белгиската федерална полиција го уапси Гадаев и уште тројца малолетници низ цела Белгија. Адвокатите на одбраната тврдат дека неговата реторика на социјалните медиуми била „перформативна“. Тоа тврдење укажува на предизвикот со кој се соочуваат западните разузнавачки служби: како да се препознае кога говорот на омраза се претвора во конкретна акција.

Имено, алгоритмите на социјалните мрежи имаат силен привлечен ефект врз младите луѓе, нудејќи им сè понасилна содржина и создавајќи дигитални „дупки без дно“. Вештачката интелигенција дополнително го влоши проблемот, рече Џулија Ебнер, експерт за онлајн радикализација на Институтот за стратешки дијалог и Универзитетот во Оксфорд.

„Видеата и сликите создадени од вештачка интелигенција допираат до многу длабоки емоции и човечка природа. Вештачката интелигенција и алгоритмите во голема мера ја вршат работата на харизматичен регрутер, само сто пати поефикасно“, предупреди Ебнер.

Крајна десница

Многу случаи не стигнуваат до јавноста, но оние што стигнуваат вклучуваат 14-годишно девојче од Црна Гора кое беше уапсено во Австрија во мај минатата година под обвинение за планирање напад врз „неверници“. Во нејзиниот дом биле пронајдени секира, нож и пропаганден материјал на Исламската држава. Во февруари истата година, нејзин врсник беше уапсен за планирање напад на железничка станица. Најпознат е случајот со тројца тинејџери кои планирале напад на три концерти на Тејлор Свифт во Виена минатата година. Ваквите случаи стануваат сè почести. Но, додека Соединетите Американски Држави се борат со пукањата во училиштата, во Европа најчестите мотиви се религиозниот и крајнодесничарскиот радикализам.

„Во првите осум месеци по почетокот на војната во Газа, 60 исламистички екстремисти беа уапсени во Европа за тероризам, од кои две третини тинејџери“, изјави за Волстрит џурнал Питер Нојман, професор по безбедносни студии на Кингс колеџот во Лондон.

А младата крајна десница во Европа претставува растечка закана. Белгиската полиција во јануари уапси 14-годишно момче со неонацистички ставови под сомнение дека планирало напад врз џамија.

ИЗДВОЕНИ