Масовни антивладини протести низ Иран: Од економска криза до улични немири – земјата се соочува со најсериозниот предизвик по 1979 година

21
EPA/STRINGER

Иранските државни медиуми го прекинаа молкот за протестите што ја зафатија земјата и во петокот изутрината ги објавија првите официјални вести во врска со ова, тврдејќи дека „терористички агенти“ на САД и на Израел подметнале пожари и предизвикале насилство во земјата. Краткиот извештај, емитуван на државната телевизија во 8 часот изутрината, беше првата официјална вест за демонстрациите, објави АП. Во него се тврди дека протестите резултирале со насилство што предизвикало жртви, но не наведоа повеќе детали.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, пак, во петокот  подоцна, во говорот на државната телевизија рече дека Исламска Република нема да попушти пред протестите, обвинувајќи ги за немирите во земјата „странските елементи, кои се обидуваат да ја дестабилизираат земјата“.

– Секој треба да знае дека Исламска Република дојде на власт со крвта на стотици илјади чесни луѓе и нема да попушти пред саботерите – рече Хамнеи.

Зборувајќи за протестите во Техеран, тој рече дека демонстрантите протестираат за да му угодат на американскиот претседател.

Од 28 декември минатата година, Иран е зафатен од масовни антивладини протести, кои ескалираа во најголеми немири од движењето „Жени, живот, слобода“ од 2022 до 2023 година. Протестите што избувнаа во Техеран минатиот месец, се проширија во секоја од 31. провинција во земјата, но сè уште не го достигнаа обемот на немирите од 2022 и од 2023 година предизвикани од смртта на Махса Амини, која почина во притвор поради наводно кршење на кодексот на облекување.

Според извештаите од невладините организации како што се „Иран хуман рајтс“ и „Амнести интернешнл“, безбедносните сили досега убиле најмалку 45 демонстранти, вклучувајќи деца, додека илјадници се уапсени, а процените варираат од 1.000 до над 2.200.

Судирите беа особено жестоки во западните провинции како што се Илам, Керманшах и Лорестан, каде што безбедносните сили дури и извршија рации во болници за да ги уапсат повредените демонстранти, потег што „Амнести“ го опиша како кршење на меѓународното право.

Демонстрантите предизвикуваа пожари на улиците, фрлаа молотови коктели и скандираа „Смрт за Хамнеи!“ и „Ова е година на крв, Хамнеи ќе биде соборен!“. Владата од четвртокот навечер целосно ги прекина Интернетот и телефонијата во земјата, во потег што набљудувачите како што е „Нет блокс“ го опишаа како обид за задушување на координацијата на протестите. Седум курдски опозициски групи повикаа на генерален штрајк тој ден, што доведе до затворање на продавниците во курдските региони и во десетици други градови.

Новина наовие протести беше сè погласното скандирање во корист на Реза Пахлави, син на соборениот шах на Иран. Пахлави, кој живее во егзил, ја повика армијата да го положи оружјето и да застане на страната на народот, предизвикувајќи масовни маршеви во Техеран и во Машхад. Дури и некои поранешни функционери на режимот предупредуваат дека „вратата кон реформи е блокирана и револуцијата е единствениот преостанат пат“.

Претседателот Масуд Пезешкијан се обиде да ја смири ситуацијата со ветување за зголемување на платите во јавниот сектор и за истраги за полициската бруталност, но демонстрантите ги сметаат овие мерки за „премалку и предоцна“.

Економските корени на кризата се длабоки: иранскиот ријал падна на рекордно ниски нивоа, инфлацијата е надвор од контрола, а цените на основните производи како што е маслото за готвење се дуплираа или тројно пораснаа. Ова е влошено од санкциите, лошото управување и од последиците од 12-дневната војна со Израел во 2025 година, кога САД и Израел бомбардираа нуклеарни постројки.

Меѓународниот фактор дополнително ја комплицира ситуацијата. Американскиот претседател, Доналд Трамп, постојано го предупредува Техеран дека ќе интервенира ако продолжи насилството врз демонстрантите, додека одбива да се сретне со протераниот престолонаследник, Реза Пахлави, кој повика на масовни демонстрации. Иранските власти ги обвинуваат САД и Израел за мешање, тврдејќи дека „бунтовниците“ се странски агенти. Врховниот лидер Хамнеи направи разлика меѓу „мирни протести“ и „немири“, повикувајќи на строг одговор на вторите.

Аналитичарите предупредуваат дека немирите, во комбинација со надворешните притисоци и економскиот колапс, би можеле да претставуваат најголем предизвик за Исламска Република од 1979 година. Тогаш беше соборена прозападната влада на шахот Реза Пахлави и беше основана Исламска Република Иран, под водство на имамот Хомеини.

ИЗДВОЕНИ