Државните ревизори констатирале дека од 34 општини со седиште во град, ГУП-овите на 22 не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 квадратни метри по глава на жител и дека за тоа придонесуваат масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување урбанистички планови, недонесените годишни програми за подигнување и одржување на зеленилото, финансирањето урбанистички планови од приватни лица, како и неизрекувањето глоби кон прекршителите. Според ревизорскиот извештај, од 34 општини со седиште во град, само две (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, зелен катастар во форма на ГИС, портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја почитувале обврската за донесување годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво
Од 34 општини со седиште во град, ГУП-овите на 22 не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 квадратни метар по глава на жител.
Државните ревизори констатирале дека за тоа придонесуваат масовната урбанизација на просторот, долгите постапки за донесување урбанистички планови, недонесените годишни програми за подигнување и одржување на зеленилото, финансирањето урбанистички планови од приватни лица, како и неизрекувањето глоби кон прекршителите.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на успешноста на тема „Урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите“ со цел да се даде одговор на прашањето за тоа дали обезбедуваат мерките и политиките на централната и на локалната власт ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите.
Со опфатот и доказите што биле обезбедени преку примена на ревизорската методологија и техники, ревизорите стекнале разумно уверување дека мерките и политиките на централната и на локалната власт не обезбедуваат ефикасно планирање на зелената инфраструктура во градовите. Според ДЗР, поделбата на дејноста просторно и урбанистичко планирање и некоординираноста на надлежните институции резултираат со недостиг на правна рамка што ќе ги уреди просторното планирање и зелената инфраструктура, а со законските решенија за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти се нарушува системот на урбанистичко планирање.
Како што наведува ДЗР, постојниот Просторен план не претставува добра основа за дефинирање на стратешките и на планските документи во државата од пониско ниво, кои во периодот од 2021 до 2024 година биле донесувани врз основа на неажурирани податоци и информации и не соодветствуваат со состојбите во државата.
– Поради слабости во дефинирањето на надлежностите на институциите / органите инволвирани во процесот и невоспоставената институционална соработка и координација, паралелно се водат и одржуваат два информациски система, кои не ги споделуваат во целост податоците во националната инфраструктура на просторни податоци – сметаат од ДЗР.
Додаваат дека од 34 општини со седиште во град, само две (Град Скопје и Општина Охрид) имаат донесено стратегии за развој на зеленилото, зелен катастар во форма на ГИС, портал имаат три општини (Град Скопје, Кавадарци и Охрид), а 18 општини не ја почитувале обврската за донесување годишни програми за подигање и одржување на зеленилото, што укажува на немање долгорочна визија, цели, активности и индикатори за следење на урбаното зеленило на локално ниво.
Ревизорите посочуваат дека постапката за донесување урбанистички планови се врши преку електронскиот систем Е-урбанизам, но потенцираат дека поради комплексноста, обезбедувањето мислење на 22-30 институции / установи и правни лица, должината на законски утврдените рокови и нивното недоследно почитување, од вкупно 34 општини со седиште во град, 8 општини (23 %) имаат важечки ГУП, 24 (71 %) имаат ГУП со изминат плански период, а две (6 %) воопшто немаат донесено генерален урбанистички план.
– Генералните урбанистички планови на 14 општини се донесени по изминувањето на три до пет години од планскиот период на кој се однесуваат, со што градовите не се во можност да ги разработат со детални планови за времетраењето на периодот. Во периодот од 2020 до 2024 година, 77 % од постапките за донесување ДУП во системот Е-урбанизам не се завршени, поради непочитување на законски утврдениот рок за траење на постапката до 18 месеци, која за одредени општини трае и до четири години – посочуваат ревизорите.
Исто така, нагласуваат дека ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 квадратни метри по глава на жител, а зелените површини што се одржуваат и новоподигнатите зелени површини во корелација со бројот на жители, согласно со пописот од 2021 година, укажуваат дека ниту една општина не го исполнува стандардот утврден во одредбите на член 19 од Законот за урбано зеленило.
Како што се истекнува во ревизорскиот извештај, снимките од извршеното снимање со дрон на повеќе локации и во повеќе градови покажуваат дека централните градски подрачја на градовите не содржат доволно јавни зелени површини, кои треба да придонесат за намалување на загадувањето и за чиста животна средина.
– Општина Чаир и Кисела Вода учествуваат само со 3 проценти од урбаното зеленило на Град Скопје. Иако во ГУП на Штип се предвидени 16,9 проценти зелени површини со намена Д, преку ЈКП „Исар“ од Штип се одржуваат 8,97 ха, што претставува само 0,39 проценти од површината на Генералниот урбанистички план 2.292 хектари. Актуелниот ГУП на Тетово е со плански период од 2003 до 2013 година и предвидува 12,4 проценти зелени површини. Карактеристично за Тетово е што нема градски парк – наведува ДЗР.
Оценува и дека изборот на урбанистички планови и проекти на општините што ќе се финансираат од годишните програми за финансирање на урбанистичките планови, донесени од Владата во периодот 2020-2024 година, е извршен на нетранспарентен начин, без јавен повик, комисија и критериуми за избор, а средствата што се предвидени не се доволни за финансирање на сите проекти. Од друга страна, недоволните информираност и заинтересираност и начинот на размислување на граѓаните за учество во постапките за донесување на урбанистички планови, како и финансирањето на плановите од страна на заинтересираните правни / физички лица со 48 проценти во годишните програми на општините, доведуваат до состојба на преовладување на приватниот над јавниот интерес.
– Општините не обезбедуваат доволно средства за одржување на јавните зелени површини со оглед на тоа што 80 проценти од нив немаат донесено одлуки за наплата на надоместокот за одржување зелени површини, 20-30 проценти ги наплаќаат комуналните такси за користење на јавните зелени површини и за поставување рекламни паноа на зелените површини, додека 59 проценти од општините не издвоиле средства за подигање нови зелени површини во периодот од 2020 до 2024 година. Централната и локалната власт немаат обезбедено ефикасни мониторинг и контрола, односно неизрекувањето глоби кон прекршителите, како и намалените износи на глобите за прекршоци придонесуваат зеленилото да се уништува, да не се одржува и да не се заменува со ново зеленило. Министерството за животна средина и просторно планирање не врши надзор над општините во делот на спроведувањето на законските одредби за урбано зеленило и не е обезбедено континуирано следење на состојбите и промените во просторот, од причина што годишните извештаи за степенот на спроведување на просторниот план на државата се изработени со нецелосни податоци за фактичката состојба, а во периодот од 2021 до 2024 година воопшто не биле изработени – констатира ДЗР.
За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните институции и одговорни лица за создавање услови со кои ќе се подобри урбанистичко планирање на зелената инфраструктура во градовите.
(А. П.)