Масовна измама во Германија: Расте црниот пазар за лажни јазични сертификати

64

Германија се соочува со растечки проблем со масовна злоупотреба и фалсификување на јазични сертификати што ги користат странските државјани за добивање дозволи за престој и државјанство.

Истрагата на RTL, ntv и „Stern“ откри широка мрежа на онлајн измамници кои продаваат лажни сертификати без школување и без испити преку TikTok и WhatsApp.

Црниот пазар за лажни јазични сертификати расте во Германија, открива заедничка истрага на новинари од RTL, ntv и списанието „Stern“. Преку видеа на TikTok, често придружени со арапска, турска или албанска музика, на корисниците им се нудат сертификати за нивоа од А1 до C2, како и тестови „Leben in Deutschland“ – без никакво образование или полагање испит. Цените на лажните документи достигнуваат до 2.700 евра, а сертификатите изгледаат автентично, со QR кодови што водат до лажни, но професионално креирани веб-страници, пишува германски RTL.

Новинарите контактирале со над 40 препрофавачи во текот на летото, а во неколку градови се сретнале лично, добивајќи фалсификувани документи што тешко се разликувале од оригиналите. Според истражувачкиот новинар Лив фон Бетихер, контролниот систем воопшто не функционира во многу случаи. Вработените во странските служби признаваат дека се преоптоварени со работа, недоволно обучени и под притисок да го забрзаат процесот на натурализација.

Лажните сертификати не се користат само за стекнување државјанство, туку и за добивање дозволи за престој врз основа на таканаречениот „Chancen-Aufenthaltsrecht“. Откако документот ќе биде прифатен во системот, ретко се проверува повторно, што им овозможува на измамниците да останат во земјата без последици.

Според достапните податоци, само 1.009 натурализации се поништени во последните пет години, иако се проценува дека вистинскиот број на фалсификати е многу поголем. Истражителите и вработените во разни служби признаваат дека системот станал ранлив и дека во многу случаи „контролата целосно се лизнала“.

Полицијата и властите сè уште немаат точна статистика за бројот на истраги за фалсификување на јазични сертификати. Во некои случаи, се истражуваат до 1.000 потенцијално сомнителни случаи. Еден раководител на службата за имиграција во јужна Германија открил дури 340 лажни сертификати за само една недела, анализирајќи ги QR кодовите.

Кризата откри големи слабости во администрацијата и покажа дека измамниците ги искористуваат бирократските дупки за да ги заобиколат јазичните и интеграциските барања. Повиците за посилни контроли и систематски проверки стануваат сè погласни, но досега нема конкретни решенија на повидок.

ИЗДВОЕНИ