Двајца британски државјани се убиени во напад во ирски паб во популарно шпанско одморалиште на Коста дел Сол, пренесе „Би-би-си“.
Според достапните информации, маскирани мажи синоќа упаднале во пабот „Монаганс“ во Фуенхирола и ги застрелале жртвите пред ужаснатите туристи кои пиеле по финалето на Лигата на шампионите. Вознемирувачките снимки од местото на нападот, кој се случил околу 23:30 часот, покажуваат безживотно тело на терасата пред пабот во ирски стил.
Според првичните извештаи, мажи со качулки излегле од автомобил и пукале во луѓе на влезот во барот додека преплашените гости почнале да бегаат од пабот на улицата.
Жртвите биле шкотски државјани
Една од жртвите била застрелана во градите и починала речиси веднаш, додека другата починала од сериозни повреди пред да може да биде однесена во болница, објави „Диарио Сур“. Едно лице е рането, а неговата состојба сè уште не е позната. Претставникот на шпанската влада во Малага, Франциско Хавиер Салас, потврди дека двете жртви се шкотски државјани.
Националната и локалната полиција брзо пристигнале на местото на злосторството, а со нив и брзата помош која се обидела да ги реанимира мажите, но без успех. Откако била потврдена смртта на двајцата мажи, активирана е истражна комисија, а специјалисти од Единицата за борба против насилниот криминал (UDEV) и форензички експерти излегле на терен. Форензичките вештачења веднаш започнале со испитување и собирање траги.
Напаѓачите се уште се во бегство
Жртвите биле ликвидирани на шеталиштето „Реј де Еспања“, веднаш до барот „Мартин Плаја“. Тоа е станбен дел од Фуенхирола кој вообичаено се смета за мирен и често е полн со туристи. Се верува дека повеќе од десетина луѓе биле сведоци на пукањето.
Маскираните напаѓачи избегале од местото на злосторството низ блиската уличка и сè уште се во бегство и покрај големото присуство на служби за итни случаи во Фуенхирола и пошироката област Коста дел Сол.
Според „АБЦ Малага“, националната полиција во првата проценка навела дека најверојатно станува збор за „пресметка“. Во истата област се случиле голем број пукотници и убиства претходно оваа година, но централната влада на Шпанија и Националното обвинителство за борба против трговијата со дрога неодамна негираа дека има зголемување на криминалот на брегот на Малага.