Елон Маск и неговата компанија xAI ја лансираа Грокипедија во понеделник, која ја најавија на почетокот на октомври како конкурент на онлајн енциклопедијата Википедија, која ја создаваат и уредуваат волонтери, а некои американски републиканци ја обвинија за политичка пристрасност и, заедно со Маск, тврдат дека е „премногу левичарска“.
Името Грокипедија (Grokipedia) доаѓа од четботот Grok на xAI, за кој Маск тврди дека „бара максимална вистина“.
Верзијата 0.1, достапна од понеделник вечерта, веќе имаше повеќе од 885.000 дефиниции, во споредба со повеќе од седум милиони на англиската верзија на Википедија.
Во порака објавена на платформата X, Маск вети наскоро објавување на верзијата 1.0, „десет пати подобра“ од 0.1, која, според него, е веќе „подобра од Википедија“.
Пред една недела, претприемачот одлучи да го одложи лансирањето на Грокипедија за неколку дена, иако беше планирано за крајот на септември, оправдувајќи го одложувањето со потребата од „дополнителна работа за отстранување на пропагандата“.
Како и републиканските функционери, Илон Маск е постојан критичар на Википедија веќе неколку години. Во 2024 година, тој напиша дека страницата е „контролирана од крајно левичарски активисти“ и ги повика луѓето да престанат да донираат на платформата.












