Социјалната мрежа Икс го блокираше рекламирањето на Европската комисија на својата платформа, како одговор на одлуката на Европската унија (ЕУ) да ја казни компанијата со 120 милиони евра за кршење на одредбите од Законот за дигитални услуги, објави денес Би-Би-Си.
Никита Бир, еден од директорите на компанијата, во петокот ги обвини регулаторите на ЕУ дека ја користат можноста и рекламниот простор на социјалната мрежа за да објават за казната на Икс.
„Се чини дека мислите дека правилата не треба да важат за вашата сметка“, рече тој, додавајќи: „Вашата сметка е укината“.
Портпаролот на Европската комисија изјави за Би-Би-Си дека Комисијата „секогаш ги користи социјалните медиуми со добра намера“.
Казната за Икс, изречена во петок, беше прва според Законот за дигитални услуги на ЕУ.
Регулаторот на ЕУ изјави дека системот за сини значки на платформата бил „заведувачки“ бидејќи компанијата не успеала да ги потврди корисниците, оставајќи ги ранливи на измама со лажно претставување и други форми на манипулација од злонамерни актери.
На Икс и беа дадени 60 дена да одговори на загриженоста на Комисијата за таканаречените „сини значки“ или да се соочи со дополнителни казни.
Откако беше изречена казната, извршниот директор на компанијата, Елон Маск, рече дека ЕУ „треба да се укине“ и го ретвитна одговорот на друг корисник на Икс, споредувајќи го со фашизам.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, и Федералната комисија за комуникации (FCC) го обвинија регулаторот на ЕУ за напаѓање и цензурирање на американските компании, додавајќи дека „времето за цензурирање на Американците онлајн е завршено“.












