Американскиот милијардер Илон Маск, сопственик на Тесла и социјалната мрежа „Икс“, која се споменува во документите за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, денес изјави дека е поважно од објавувањето на документите да се гонат оние што извршиле злосторства со Епстин, пренесе „Танјуг“.
„Она што е важно не е објавувањето на кој било дел од досиејата на Епстинн, туку гонењето на оние што извршиле грозоморни злосторства со Епстин. Кога има барем едно апсење, ќе се задоволи правдата. Ако не, сè е претстава. Ништо освен одвлекување на вниманието“, рече Маск во објава на мрежата „Икс“.
Коментарот на Маск доаѓа откако неговото име се појави во нова серија објавени документи поврзани со Епстин, кои вклучуваат е-пошта преписка од 2013 година.
Според објавените е-пораки, Маск разменил пораки со Епстин во декември 2013 година за можна посета на неговиот карипски остров, додека одделна преписка покажува дека Епстин се обидел да организира ручек со Маск во февруари истата година.
Маск изјави на мрежата „Икс“ дека имал многу ограничена комуникација со Епштајн и дека одбил повеќекратни покани да го посети неговиот остров или да патува со неговиот авион.
Тој нагласи дека е свесен дека дел од преписката може да биде погрешно протолкувана, но дека не е загрижен.
Додаде дека силно се залагал за објавување на документите на Епстин и ја нагласи важноста од гонење на оние кои извршиле сериозни кривични дела, особено во случаи на сексуална експлоатација на малолетници.












