Во голема конкуренција на народни носии од повеќе држави низ светот, прво место во категоријата најубава машка и женска носија освои двојката од Ансамблот „Бојмија“. Станува збор за носија од поднебјето на Петрово, Габрово и Миравци, богата, колоритна и една од најубавите во Македонија, многупати наградувана на разни фестивали. Оваа добиена награда уште еднаш потврдува дека македонската народна носија претставува вистинско уметничко дело, кое македонските жени во минатото го создавале со часови посветена работа над машините за ткаење. Овие носии украсени со уникатни везови и шарени дезени низ вековите станале симбол на македонскиот идентитет. Тие, со сиот свој раскош и убавина претставуваат непроценлива културна вредност и ја презентираат материјалната, но и духовната култура на Македонија, на чија територија има околу 70 различни вида богато украсени носии.
Во склоп на петтиот Интернационалниот фолклорен фестивал „Стиг фест“, кој од 17 до 20 август годинава се одржа во Србија, во општината Мало Црниче, беше организирана и Ревија на народни носии на учесниците на фестивалот. Во конкуренција на народни носии од Србија, Колумбија, Унгарија, Аргентина, Северен Кипар, Мексико и Бразил, прво место во категоријата за најубава носија освои двојката од Ансамблот „Бојмија“. Станува збор за носија од поднебјето на Петрово, Габрово и Миравци, богата, колоритна и една од најубавите во Македонија, многупати наградувана на разни фестивали.
Женската народна носија од овој крај претежно се состоела од облеки изработени од домашно произведени материјали. За долните облеки, како што се кошулите, се користело бело платно украсено со кенари, додека за горните облеки се употребувале пругасти волнени ткаенини. Во декорацијата доминираат гајтански апликации, ширити, украсни ленти и рачно изработени тантели, наречени „пупки“, кои се плетени во стилот на турско-ориенталните украсни мотиви. На главата се носел тулбен или жолта марама позната како мумија.
Машката носија припаѓала на полскиот тип, карактеристичен по бели ленени кошули, бели ленени панталони и широко набрано здолниште наречено фустан. Основниот облековен елемент била кошулата, украсена со ширити и разни позамантериски детали на горниот дел од телото, Посебна важност имало носењето на фустанот (широко и набрано здолниште), врз кој се ставал појас, а над него се препашувал тенок ткаен ремен наречен кулан. Под куланот се врзувала фабрички изработена шамија, наречена шервета. Како горен дел на облеката се носел елек. Волнени црвени чорапи, со многу вплетени геометриски мотиви и опинци го оформуваат обувањето на нозете.
Оваа награда добиена во Србија уште еднаш потврдува дека македонската народна носија претставува вистинско уметничко дело, кое македонските жени во минатото го создавале со часови посветена работа над машините за ткаење. Овие носии украсени со уникатни везови и шарени дезени, низ вековите станале симбол на македонскиот идентитет. Тие, со сиот свој раскош и убавина, претставуваат непроценлива културна вредност и ја презентираат материјалната, но и духовната култура на Македонија, на чија територија има околу 70 различни вида богато украсени носии. (Љ.А.)