Владата на Обединетото Кралство одлучи да ја намали минималната возраст за машиновозачите од 20 на 18 години поради недостиг на работници, објави Министерството за транспорт (DfT), а пренесе Sky News.
Одлуката е донесена поради податоците кои покажуваат дека досега имало дури 87 отсто откажувања поради недостиг на возачи.
Сегашната минимална возраст за влез во железничкиот сектор е 20 години, но со зголемениот број на возачи кои се приближуваат до пензија – просечната возраст на британскиот возач е 48 години, а дури 30 отсто од возачите треба да се пензионираат до 2029 година.
Земјите како Франција, Германија, Холандија и Швајцарија веќе ја намалија минималната возраст за машиновозачите, додека „Транспорт за Лондон“ отвори програми за стажирање за 18-годишници на метро линиите во 2007 година.
Обуката за управување со возови на главните линии обично трае помеѓу една и две години, а стандардите за оценување и квалификација на возачите нема да се променат. Индустриската организација Rail Safety and Standards Board спроведе истражување кое покажува дека 18-годишниците можат безбедно да станат машиновозачи.
Новите работни места и шеми за стажирање би можеле да бидат достапни веќе во декември, според соопштението на DfT.
Министерката за транспорт Хајди Александар рече дека владата „ги подготвува железниците за иднината“ за да ги намали „одложувањата и откажувањата предизвикани од недостигот на возачи“.