Марта Кос за Србија: Далеку се од членство во ЕУ, стојат реформите, владеењето на правото и изборните закони

205
Фото: EPA

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во интервју за австрискиот „Клајне Цајтунг“, изјави дека првите нови членки од регионот, Црна Гора и Албанија, би можеле да се приклучат на ЕУ околу 2028 или 2029 година, додека за Србија испрати многу повнимателна порака.

„Проширувањето сега има сосема нова динамика, бидејќи е приоритет на ЕУ, но и поради променетата геополитичка ситуација. Црна Гора има за цел да ги заврши преговорите до крајот на 2026 година, а потоа би следувала одлука од страна на шефовите на држави и ратификација. Така, пристапувањето би било можно до крајот на деценијата. Албанија би можела да дојде малку подоцна“, рече Кос, објави „Клајне Цајтунг“.

Кога станува збор за Србија, Кос нагласи дека напредокот е речиси непостоечки во клучните области.

„Реформите напредуваат многу бавно, особено кога станува збор за владеењето на правото, слободата на медиумите и изборното законодавство“, истакна таа.

Таа додаде и дека поддршката за членство во ЕУ меѓу српските граѓани е само 33 проценти, што е далеку под регионалниот и просекот на ЕУ.

За разлика од соседите, Србија практично е на место. Кос нагласи дека пристапувањето ќе зависи исклучиво од политичката волја и спроведувањето на реформите, и дека сегашните сигнали од Белград не се оптимистички.

Комесарката смета дека процесот на проширување не може да се сведе само на ветување за членство за десет или петнаесет години. Според неа, земјите-кандидатки мора да ги почувствуваат придобивките многу порано – преку воведување на заедничката зона за плаќање SEPA, поевтин роаминг или подобра поврзаност на транспортните коридори.

„Мораме да им понудиме на земјите повеќе од само перспектива, но тоа не значи делумно членство, туку конкретни придобивки преку партнерство“, рече Кос, пренесе „Клајне Цајтунг“.

Кос призна дека во регионот постојат стравувања дека Украина и Молдавија имаат „брз пат“ кон ЕУ, но нагласи дека тоа се базира на околностите на војната и геополитичката ситуација.

„Во Босна и Херцеговина чекаме една година само на имињата на главните преговарачи. Тоа е прашање на политичко лидерство. Во Албанија, на пример, 91 процент од населението е за ЕУ ​​и сите партии ја поддржуваат интеграцијата“, рече Кос.

ИЗДВОЕНИ