Темата околу македонскиот идентитет неизбежно беше дел од наративот на денешната прес-конференција на македонскиот премиер Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос. По изјавата на Кос дека идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување и дека идентитет за Македонците се и манастирите во земјава, погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, премиерот порача дека покрај прекрасната македонска кујна, за него идентитет се и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански… Во однос на очекувањата за извештајот на пленарната седница, премиерот рече дека очекува секаков инженеринг и ништо не би го изненадило.
-Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. Да тоа е така, дека ние го носиме со нас, длабоко во нас, но морам да признаам, повеќе од три децении ние изгубивме многу од нашиот идентитет, менувајќи знаме, менувајќи име, неколку пати менувајќи Устав, и во услови кога немаме гаранција дека ова ќе биде последна идентитетска отстапка која што ќе треба да ја направиме, јас би бил многу повнимателен, бидејќи се водам од максимата „не ги слушај што зборуваат, гледај ги што прават“. А тоа што го направија и сеуште го прават дел од пратениците во ЕП од нашиот источен сосед нема никаква врска со европските вредности. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку е и Гоце Делчев, и Шапкарев, и Миладиновци, и Илинденското востание, и Дамјан Груев, и Јане Сандански, итн… Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои што се дел од нашиот македонски идентитет, изјави премиерот Мицкоски.
Претходно Кос зборуваше за примерот на нејзината земја Словенија и фактот дека со приклучувањето кон ЕУ, словенечкиот јазик станал еден од официјалните јазици во Унијата.
-Идентитетот никогаш не може да стане предмет на политичко одлучување. Идентитетот е нешто што си го носиме во нашите души и срца. Идентитетот е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитетот е како се грижиме за нашата традиција. На пример, манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче гравчето, пинџурот или полнетите пиперки, како ги одржуваме националните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме кон зачувување на нашиот јазик, и никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците, рече Кос одговарајќи на новинарско прашање. (В.С.Н.)