Денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за ангелите“ – протестен марш во знак на почит кон 63-те млади луѓе кои го загубија животот во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Маршот ќе започне во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде учесниците ќе се упатат кон Собранието, а завршницата ќе биде пред Основниот кривичен суд.
Организаторите апелираат до јавноста: „Дојдете и бидете со нас. Секоја поддршка значи сила, секој човек е важен. Да застанеме заедно и да покажеме дека болката не нè скршила, а борбата за вистинска правда продолжува.“
Во меѓувреме, Кривичниот суд, Обвинителството и Адвокатската комора најавија дека ќе преземат сите неопходни мерки за непречено и ефикасно спроведување на судењето за случајот „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Првото рочиште е закажано за 19 ноември. Според обвинението, за тешки кривични дела против јавната безбедност се товарат 34 физички и 3 правни лица. Судењето ќе го води тим од околу 15 обвинители, соопшти државниот обвинител Љупчо Коцевски.











