Марк Руте за изјавите на Кремљ дека Русија не е „хартиен тигар“: Ако сте „мечка“…

65

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, дека Русија не е „хартиен тигар“ како што ја нарече американскиот претседател Доналд Трамп, туку „мечка“, ја покажува слабоста на Москва.

– Ако не сте „хартиен тигар“ туку „мечка“, нема потреба да се претставувате, сите ќе го видат тоа така и така – изјави Руте за Фокс њуз.

Тој додаде дека ваквите „оправдувања ја покажуваат слабоста на Русија“.

– Да бев рускиот претседател Владимир Путин, да бев толку заинтересиран за историјата на мојата земја, ќе се засрамев – изјави генералниот секретар на НАТО.

Тој потсети на, како што тврди, „долгите редици автомобили на бензинските пумпи во Русија“.

– Овој сериозен производител на нафта сега е принуден да го намали извозот, вклучително и извозот во Турција и Индија. Тие повеќе не се во можност да го прават тоа затоа што Украинците толку ефикасно ги напаѓаат нивните рафинерии за нафта – истакна Руте.

Тој ѝ порача на Москва да се придружи на иницијативата на американскиот претседател Трамп за прекин на војната, бидејќи, како што изјави, „тоа одговара и на интересите на Русија“.

Трамп неодамна ја нарече Русија „хартиен тигар“, на што портпаролот на рускиот претседател одговори дека Русија „не е тигар, туку мечка“.

 

ИЗДВОЕНИ