Возачот во Формула 1, Шпанецот Карлос Саинц, направи интересна споредба во врска со сега деветкратниот светски шампион во мотоциклизам, Марк Маркез.
Маркез помина низ многу подеми и падови во последните години, вклучувајќи четири операции на раката што ја повреди во несреќа во Херез во 2020 година, но неодамна ја обезбеди својата прва титула по пауза од шест години. На патот до таа титула, Шпанецот промени тим, се пресели во Гресини по повеќе од една деценија возење во Хонда, а потоа доби шанса во фабричкиот тим на Дукати, каде што беше апсолутно доминантен оваа сезона.
Маркез ја обезбеди својата деветта титула, седма во „кралската класа“, во Јапонија, пет тркачки викенди пред крајот на сезоната, со 11 триумфи во главните трки и уште 14 во спринтот. На овој начин, Шпанецот се изедначи со Валентино Роси по бројот на титули, а само двајца се пред нив – Анхел Нието со 13 и Џакомо Агостини со 15.
- Веќе му честитав затоа што имаше одлична година и ги заслужува сите пофалби за враќањето што го направи. Маркез е Аиртон Сена во Мото ГП шампионатот, само што начинот на кој го перцепираме сега, не го разбираме. Кога ќе се пензионира, како што минуваат годините, Маркез ќе биде запаметен од сите како најблиску до она што беше Аиртон Сена во Формула 1, истакна Саинц во шпанскиот подкаст „Ел Партидазо“.
Многумина го сметаат Сена за најдобар возач во историјата на Формула 1, иако Михаел Шумахер и Луис Хамилтон имаат освоено повеќе титули од него. Бразилецот освои три титули со Мекларен, но за жал го загуби животот во трагична несреќа во Имола на 1 јануари 1994 година.
Маркез, патем, доби скршеница на клучната коска една недела по освојувањето на титулата во инцидент во кој Марко Бецеки го турна од патеката. Возачот на Дукати сигурно ќе ги пропушти трките во Австралија и Малезија, а би можел да се врати за финишот од сезоната во Португалија и Валенсија. Следната трка во Мото ГП е Големата награда на Австралија на 19 октомври, додека Големата награда на Соединетите Американски Држави во Остин е исто така на распоредот во Формула 1 истиот викенд.