Братот на осудениот сексуален престапник Џефри Епштајн, Марк Епштајн, изјави дека новиот извештај ќе покаже дека неговиот брат бил убиен, но и дека не му е грижа за жртвите.
Во разговор со Пирс Морган во емисијата „Нецензурирано“, тој рече дека уште повеќе верува дека неговиот брат бил убиен и дека група патолози всушност ги проучуваат резултатите од обдукцијата што првично требало да се направи, објавува Дејли Меил.
„Тие заклучуваат и прават извештај што наскоро ќе биде објавен, кој е во фаза на рецензија од страна на колеги, а кој покажува дека не можело да биде самоубиство како што тврдеа. Тоа конечно ќе покаже дека не било самоубиство, а потоа кој го убил и кој го нарачал“, рече Марк Епштајн, кој работи како агент за недвижности.
Сепак, кога водителот го праша за жртвите на неговиот брат и дали знаел што правел осудениот педофил пред неговата смрт, тој луто ја прекина врската.
„За жал, да бидам искрен, навистина не ми е гајле. Само ме загрижува што мојот брат, кој и да бил и што и да бил, е убиен. Тоа е мојата загриженост. Тоа се прашања во кои не навлегувам. Многу од она што излезе на виделина ме изненади. Не бев свесен за овие работи“, рече тој пред да ја спушти слушалката.












