Населеното место Марино ќе добие урбан парк. Општина Илинден веќе ги започна активностите за негово формирање.
Урбаниот парк ќе се наоѓа на потегот помеѓу улиците „531“, „532“ и „534“, и зафаќа површина од околу 5.600 квадратни метри.
-Во рамките на паркот освен неопходното партерно уредување, предвидено е поставување на улично осветлување, чешми, клупи, корпи за отпадоци, а ќе се изградат и паркинг простор, пешачки патеки и сервисна улица. Урбаниот парк ќе содржи зона со зелена површина, отворен плоштад за прошетка и колективни настани, централно поставена фонтана и жардињери со цвеќиња, како и детско игралиште со реквизити, во кое ќе можат да уживаат и најмалите жители на општината – соопштија од Општина Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски истакна дека урбанизацијата и просторното уредување се од особена важност за жителите, да можат своето слободно време да го поминуваат во квалитетен, модерен и урбан простор за одмор и прошетка.