Една од најнадежните и најперспективни македонски пејачки од поновата генерација, Марија Спасовска, по речиси една година пауза има нова песна. Во периодот кој е зад неа, пејачката беше посветена на студиите во Солун, каде што покажа дека не е врвна само во креирањето и во изведбата на сопствената музика, туку и во совладувањата на знаењата. Таму Марија беше прогласена за најдобар студент меѓу бруцошите во првата година.Заради отсуството од Македонија и академските обврски, разбирливо музиката беше на „стенд-бај“, но не и креативноста. Убавата Марија за време на летната пауза повторно стана дел од второто продолжение на музичко-патриотскиот проект „Македонијо, во срце те носиме“, каде со нејзината изведба ја возобнови познатата песна „Ја излези стара мајко“.
Со доаѓањето на есента, Марија има и нова песна во забавната музика. Насловена е како „Забрането“. Провокативен наслов кој зборува за една приказна во која низ пеењето е објаснето кому му е тоа забрането и дали „забранетото“ овошје, е всушност, нешто најслатко? Песната не случајно беше објавена на 5 октомври, токму на роденденот на Марија Спасовска. Таа на својот канал на „Јутјуб“ премиерно ја емитуваше песната, која заедно со видеото беше пуштена во етерот на интернет. Автор на музиката и стиховите е самата Марија, додека за аранжманот се погрижил Иван Јованов-Ивајо. Видеоспотот за песната го потпишува Томислав Живковиќ. Сè на сè, една милина од тоа „Забрането“, а за слушање максимално дозволено! (фото:приватна архива)