
Од денеска, па во следниот месец и половина, ќе се „чешлаат“ вкупно 43 фирми што одгледуваат и складираат канабис за медицински цели. Ова следува по одлуката на Владата за ставање крај на злоупотребите на бизнисот со марихуана, која наместо во фабриките за масло, завршувала на црниот пазар. Премиерот, во изјава за новинарите, кажа дека во големата акција за „жетва“ на канабис, под надзор биле неколку правни субјекти, а запленетите килограми растат.
Македонската и српската истрага за марихуана, засега ја поврзува единствено сопственикот на фирмата за одгледување на канабис од Скопје, „АЛФАФАРМ“, Иван Драгниќ. Тој е уапсен при заплената на кутиите со канабис, за кој српските истражители се сомневаат дека дошоле од земјава. Засега таква потврда од македонските власти нема, освен што канабисот од фирмата на Драгниќ од поранешната фабрика „Охис“, заврши во магацините на МВР.
Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција од Србија, за весникот ВЕЧЕР, тврди дека постои сомневање дека 5-те тони запленета марихуана во село Коњух кај Крушевац потекнуваат од Македонија. Од српското обвинителство, каде што се води истрагата против петмина осомничени за шверц на дрога, велат дека од првиот ден се во комуникација со надлежните во земјава.
– Според досега собраните информации, постои сомневање дека марихуаната потекнува од Северна Македонија, но утврдувањето на сите релевантни факти, вклучително и на потеклото на наркотичната супстанција и околностите на преминување на државната граница, ќе бидат предмет на понатамошна истрага, за што јавноста ќе биде информирана навремено. Во врска со вашето прашање за соработка, таа постои помеѓу Јавното обвинителство за организиран криминал и другите надлежни органи и Обвинителството на Република Северна Македонија, и е воспоставена уште првиот ден по започнувањето на истрагата, велат за ВЕЧЕР од српското обвинителство.
Премиерот Мицкоски повтори дека минатата власт донела Правилник кој не бил во согласност со законот, нарекувајќи го диво месо. „На отворено, цвет од канабис не дава масло, и тој што го донел Правилникот, свесно влегол во кривично дело и тоа е почетокот на злосторничко здружување“, изјави Мицкоски.
Прашан за Правилникот од 2023 година, донесен во времето кога министер за здравство беше фатмир Меџити, актуелниот министер Азир Алиу вели дека ќе биде отпочната анализа на подзаконскиот акт и доколку имало потреба, ќе се менува.
Надзорот над компаниите со одобрение за одгледување на канабис за медицински цели го спроведува Комисија составена од вкупно пет члена, од кои два члена се од Министерството за здравство (претседател и член), додека тројца се надворешни членови – по еден од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Агенцијата за лекови (МАЛМЕД) и специјалист од областа на лековити растенија. Комисијата за работата го известува Министерството за здравство, кое потоа доставува предлози до Владата за добивање или одземање на лиценца. Министерот Алиу вели дека оваа комисија си работи во континуитет. „Секоја фирма што одгледува канабис е задолжена писмено и со слики да ја информира Комисијата не само за растението туку и за количеството и транспортот. Законот предвидува да се формира и Агенција, но досега не е формирана, вели министерот за здравство, Алиу, и нагласува дека друга, меѓуресорска комисија за контрола на дроги, требало да ги анализира политиките на овој процес. „Таа била формирана од 2017 година и броела 13 члена, но функционирала само на хартија, нема извештаи од нејзината работа“, додава Алиу.
За оваа владина комисија за која објаснуваше министерот за здравство, премиерот рече дека тоа било друго. „Владата е меѓуресорско тело, и оние ’битанги’ кои се занимаваат со овие незаконити дејства се во затвор, а има уште некои што периодов ќе се најдат таму“, рече Мицкоски.
Ова не е прва афера што ги поврзува македонските фабрики за медицински канабис со српскиот црн пазар – паралелата со случаот „Јовањица“ за најголемата плантажа на марихуана во Европа од пред шест години ја потсетува јавноста на длабоките врски помеѓу Македонија и Србија во шверцот на марихуана. Тогаш беа запленети повеќе од тон и половина марихуана.
И додека власта ја обвинува опозицијата за состојбата со канабисот додека биле на власт, од СДСМ велат дека лагите со Правилникот нема да го тргнат прашањето како 5-те тони марихуана ја поминаа границата? (П. А.)











