17. фестивал БОШ, во организација на Здружението на граѓани „АРТ ЕКВИЛИБРИУМ“ од Гевгелија, ќе се одржи на 29 и 30 август 2025 година како дел од програмата на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Изложби, инсталации, филмови, промоција на роман, работилница за деца, видеопроекции, концерти и други содржини ќе бидат дел од програмата на овогодинешниот БОШ фестивал. Дводневната програма ќе се одвива во и пред Народниот театар, стариот Градски пазар и кафулето „У“.
Еве што, пред почетокот на фестивалот, кој веќе 17 години носи перформативна и неконвенционална културна содржина во градот на југот од Македонија, за „Вечер“ ни изјави директорката Мариа Стојанова:
„17 години БОШ – една година пред полнолетство… Да, беше тешко – особено затоа што сите овие години фестивалот се создава со скромна институционална поддршка и целосно независно. Но токму тука е убавината: во упорноста, во заедништвото и во чувството дека тоа што го градиме е навистина автентично и наше.
Оваа година би ја издвојила програмата на Стариот пазар во Гевгелија, каде што за првпат отвараме простор за дискусија за естетика, постмодернизам и филм со уметници и теоретичари, заедно со филмски проекции. Исто така, посебно ми значи „FIJUK“, саемот за независно издаваштво, кој ги поврзува независните издавачи од регионот, а се случува независно пред почетокот на БОШ во 17:30 часот пред платото на Домот на култура. Концерти ќе имаат бендовите „Пијан Славеј“ и „Харикири“.Имаме извонредни изложби во Домот, визуелни инсталации, салон за арт книги која ми е една од поомилените точки на фестот.
За жал, независната култура кај нас сè уште не е вистински препознаена од државата – најчесто се третира како маргинална или привремена појава, декадентна или уметност која нема доволно публика. Но токму затоа ваквите фестивали опстануваат: затоа што културата не чека институции, туку живее низ луѓето што ја создаваат.“, изјави Сојанова.
Оваа година плакатот за фестивалот е дело на уметникот Иван Кал’чев. Во текот на Првата светска војна, дрвените колци беа мрачни симболи – поставувани како пречки, огради околу ровови или како импровизирана заштита во ничија земја. Денес, во мирнодопски контекст, истите тие колци го менуваат своето значење – стануваат дел од фестивалскиот простор, симболизирајќи граници што не делат, туку обединуваат. Колците од војната стануваат колци на сцената – носители на светлина, уметност и слобода. На овој фестивал, бодликавата жица ја преосмислуваме како визуелен и концептуален елемент на идентитет. Таа не е само потсетник на историјата и насилството, туку и уметничка провокација. Поставува прашање: Кои се нашите денешни бариери? Кои жици не’ држат разделени? И како можеме преку културата, уметноста и дијалогот да ги преминеме, е пораката која се сака да се испрати преку ова визуелно решение.
БОШ скромно започна пред 17 години, во чест на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиевски, и полека но сигурно прерасна во фестивал препознатлив на независната културна сцена, Бозаџиевски е роден на 25 март 1981 г., во Гевгелија. Средното училиште го завршил во гимназијата Јосиф Јосифовски – Свештарот во Гевгелија. Студирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет Блаже Конески – Скопје, а дипломирал на Факултетот за драмски уметности, исто така во Скопје. Играл во голем број претстави како и во првата македонска догма, филмот „Боли ли?„ на Анета Лешниковска.
Во услови каде што независната култура често се смета за „бош работа“, фестивалот со секоја измината година го докажува спротивното – тој е процес на создавање, на типично различен, извонреден и неконвенционален, јавен простор… Простор, кој постојано се редефинира низ урбаните уметности, или соодветно, уметностите во урбан контекст… Простор, кој е уникатен и доволно опиплив, динамичен и пулсирачки, провокативен и/или контроверзен… Но, пред сè, отворен и достапен за сите!
Затоа, ако се сметате себеси за доволно слободни и креативни, но пред сè, широко отворени, тогаш Гевгелија е вистинското место за вас, на 29 и 30 август оваа година.