Маратон по скопските улици – афирмирање на спортот и на инклузивноста во општеството

35

Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се победници на деветтото издание на „Халк еко Скопје трча 10 км“, на која учествуваа околу 1.700 тркачи.

Како што соопштија организаторите, Ивановски ја истрчал патеката со време 30:59 минути. Второто место му припадна на Муџахид Мислими, со време 32:22 минути, а третото на Димитар Илиев, со време на трчање од 32:35 минути.

Во женска конкуренција, најбрзата, Поп Арсова, оствари време 35:35 минути, второто место го зеде Билсерин Сулејман со 35:58 минути, а на третото заврши Невена Јовановиќ со 36:58 минути.

– Во категоријата учесници со телесен инвалидитет, која беше новина на годинашново издание на трката, од вкупно 12-мина пријавени, победници се: Габриела Стојановиќ во женска конкуренција, со време 59:28 минути, и Зоран Јовановски во машка конкуренција, со време 01:06:21. Второто место во женска конкуренција, со време 01:10:42, го освои Јелена Трајковиќ, а Елизабета Симева-Јовановска беше трета, со освоено време 01:14:20. Со време 01:11:56, Александар Јовановски го освои второто место, а со време 01:12:45 – третото место му припадна на Шукри Мемеди – се наведува во соопштението.

Трката почна и заврши пред фонтаната „Лотос“, а 10 километри долгата патека по која се трчаше, беше по булеварот „Илинден“ и по дел од булеварот „Партизански одреди“.

– Трката се одржа со цел да се промовира активниот и здрав живот, како и инклузивноста во спортот, а настанот ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните спортски настани во регионот. И годинашново деветто издание на „Халк еко Скопје трча 10 км“ не беше само спортски настан туку и важен момент за афирмирање на спортот и на инклузивноста во општеството. Учеството на голем број тркачи, вклучувајќи и лица со телесен инвалидитет, ја нагласи важноста на овој настан, како средство за социјална интеграција и промоција на здравиот начин на живот – информираат организаторите.

Настанот е организиран од Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Скопски маратон и атлетскиот клуб „Работнички“.

 

ИЗДВОЕНИ