МАПАС: Се разгледуваат нови модели за исплата на пензиите и за подобрување на пензискиот систем

45

Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување МАПАС најавува дека во наредниот период ќе се разгледуваат нови модалитети за исплата на пензиите и за подобрување на пензискиот систем. За овие реформски пакети веќе се формирани неколку работни групи.

– Во наредниот период се очекуваат воведување нови модели за исплата на пензиите и спроведување мултифондови во системот на капитално финансираното пензиско осигурување – најави Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС.

Владата веќе формирала неколку работни групи што работат на реформската агенда за пензиското осигурување, на можностите за инвестирање преку мултифондови и на подобрувањето на моделите за исплата на пензии.

Според него, масовната исплата на пензии од вториот столб ќе започне околу 2030 година, а до 2040 година бројот на пензионери ќе достигне 12-13 илјади лица.

– Се разгледуваат опции за месечни ануитети и други модели, со цел да се намали ризикот што моментално го носи членот – додаде Саздов.

Во системот веќе се акумулирани околу три милијарди евра, што претставува 17 проценти од БДП, а се вклучени 626 илјади членови, односно 77 отсто од работно активното население.

– Мултифондовите ќе овозможат инвестирање според возраста, поактивно портфолио за помладите, балансирано за средната генерација и конзервативно за лицата над 60 години – нагласи Саздов.

Дополнително, се разгледуваат и нови модели за исплата преку осигурителни компании и комбинации на ануитети и програмирани повлекувања, но за нив е потребна координација со Владата.

Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Ремзи Бајрами, нагласи дека Агенцијата, како регулатор, има обврска да обезбеди стабилен, транспарентен и одржлив пензиски систем, но и да гарантира точни и разбирливи информации до јавноста. Акцент, според Бајрами, ќе се стави на финансиската писменост, која е клучен предуслов за успешност на реформите.

– Само информиран граѓанин може да ги препознае придобивките од учеството во вториот и во третиот столб и да донесе одлуки што ја зајакнуваат неговата лична финансиска сигурност – истакна претседателот на Советот.

Бајрами ја нагласи улогата на медиумите како клучен партнер во пренесувањето точни и проверени информации, со цел да се зајакне довербата во системот.

ИЗДВОЕНИ