– Ова е филм за сестринска љубов, за саможртва, за добри и лоши луѓе, за богати и сиромашни, за слепи и окати, за тоа како живееме, како умираме и како се смееме. Има повеќе комедија од вообичаено. Ќе биде смеење низ солзи, рече режисерот Милчо Манчевски на денешната прес-конференција на која го најави стартот на снимањето на неговиот најнов, осми филм, „Збогум, Копакабано“

Македонскиот режисер Милчо Манчевски на 15 јули во Скопје започнува со снимање на неговиот осми филм насловен „Збогум, Копакабано“ под мотото „Брат, сестра и шахта“.

„Збогум, Копакабано“ е социјална трилер-комедија за брат и сестра (Виктор и Малина) што крадат бисти низ Скопје. Сценариото на филмот, со работен наслов „Биста“, како што кажа Манчевски на денешната прес-конференција, е напишано пред три-четири години. Во филмот се истражуваат општествено релевантни теми како самотија, сиромаштија, корупција, ментални болести, општество засновано на привилегии на богатите. Иако се случува во современа Македонија, филмот содржи универзален коментар, размислување за тоа како живеат луѓето и како се поврзуваат со современиот свет.

– Ова е филм за сестринска љубов, за саможртва, за добри и лоши луѓе, за богати и сиромашни, за слепи и окати, за тоа како живееме, како умираме и како се смееме. Има повеќе комедија од вообичаено. Ќе биде смеење низ солзи, рече режисерот.

На прашањето како од работниот наслов „Биста“ е дојдено до „Збогум, Копакабано“, тој одговори дека кога барал повесел наслов, името Копакабана звучело разиграно и повесело.

– Можеби затоа што кога бев дете Копакабана беше поим за музика, за веселост за боса нова и за фудбал. Во филмот, прекарот на тоа мало сиромашно селце каде што живеат нашите главни ликови е Копакабана, затоа што во едно од колипките има вградено табла на која пишува „Кино Копакабана“. Виктор многу сака да игра фудбал. Тој мисли дека е бразилски репрезентативец и дека игра на брегот на плажата Копакабана. Така што, практично, се врзаа тие работи, објасни режисерот.

Прашан за музиката во филмот, тој истакна дека иако е уште рано, сепак знае дека треба да се цитира Копакабана и во музиката со верзии на боса нова.

Посочи и дека се радува на старо-новата актерска екипа која ќе игра во филмот.

– Како што поминува време, со секој филм ми е сè попријатен процесот на правење филмови. Порано филмовите ги правев заради резултатот, сега ги правам и заради процесот и се чувствувам како да работам со вистински рамноправни соработници во правење парче уметност и се надевам дека ќе остане да се памети, додаде тој.

Како што беше посочено на прес-конференцијата, иако филмот, како проект од национален интерес, доби поддршка на конкурсот на Агенцијата за филм уште во 2022 година, тој речиси три години бил блокиран затоа што Манчевски пријавил корупција во Агенцијата, а неговите наводи биле потврдени од државните и невладините антикорупциски институции.

– Ја пријавив филмската мафија за корупција, а тие за одмазда го блокираа филмот „Збогум, Копакабано“, како и претходниот проект. Тоа траеше еве скоро три години. Во меѓувреме, добивме две правосилни судски пресуди со кои се потврди дека конкурсите во Агенцијата за филм тогаш беа местени, се потврди дека незаконски нè блокираа, добивме потврда и од Антикорупциска, од Министерството за култура, од ДЗР, од Транспаренски интернешнал, од Коалиција за заштита на укажувачи… поддршка добивме и од Венецискиот фестивал, од двете здруженија на филмски работници на Италија итн. На крај, Агенцијата ги испочитува резултатите на конкурсот од пред две и пол – три години и еве снимаме филм, истакна Манчевски.

На прашањето како треба да ја претставува Македонија во своите филмови, тој одговори дека „нè претставува подобро од што, всушност, сме“. Кажа дека најтешкото при правењето на еден филм е целата таа организација, суетите и финансиите да се преточат во нешто на екранот што има душа.

Продуцент на филмот е Јане Ќортошев, на кој ова му е трета соработка со Манчевски, по „Врба“ и „Кајмак“.

– Ме израдува пред сè сценариото, приказната, леснотијата со која тече. Мислам дека е забавно. Беше предизвик да се стигне до снимањето, по сите перипетии што ги имавме, рече Ќортошев.

Филмот ќе се снима со меѓународна екипа во Скопје и неговата околина, а за првпат Манчевски снима на скопскиот Аквадукт.

– Во моментот кога застанавме пред Аквадуктот, некако веднаш беше јасно дека тоа е нашата Копакабана, онаа што сакаме да ја има во филмот. Благодарение на Управата за заштита на културно наследство и Конзерваторискиот центар во Скопје, ова наше значајно културно наследство конечно ќе биде запечатено на филм и со филмот уште повеќе ќе биде промовирано и посетувано, додаде Ќортошев.

Главните улоги во филмот ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Калина Наумовска, Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Сара Панковска, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

Сара Климоска ја толкува главната улога, сестрата Малина.

– Во овој филм секој лик е комплексен, а публиката ќе креира свои видувања за ликовите. Не би можела да ја одиграм Малина без да ја сакам и без да ги оправдам сите нејзини постапки, рече Климоска.

Улогата на Виктор, братот на Малина, ја игра Филип Трајковиќ, момче со интелектуална попреченост. За подготовките на ликот Трајковиќ два месеца престојувал во дневниот престој на Републичкиот центар за лица со интелектуална попреченост.

– Таму запознав многу убави и интересни луѓе и многу се здруживме. Научив, видов, осетив дека, во суштина, сме заборавиле да се радуваме на малите работи, дека имаме право ние да одредиме на што ќе се радуваме и дека никој не може да ни ја одземе таа радост, таа среќа во животот, рече актерот.

На прашањето дали го фаќа трема околу улогата бидејќи вакви ликови претходно успешно одиграа Леонардо Ди Каприо, Дастин Хофман, Шон Пен, Џон Малкович, тој рече дека ова преставува голема одговорност.

„Ваква улога е една од најпосакуваните во кариерата на еден актер. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата на Милчо, рече Трајковиќ.

Петар Мирчевски, пак, по седми пат ќе го видиме во филм на Манчевски, овој пат, како ликот Наќе Топузовски, кој мисли дека личи на Бред Пит, иако сите му велат дека е копија на Дени де Вито. На прашањето како ќе успее да заличи на Пит, Мирчевски се пошегува во свој стил: „Не знам. Бред Пит постојано ми се јавува и ми вели: ‘Пепи, сите викаат дека многу личам на тебе’“.

Актерката Соња Михајлова го игра комплексниот лик на Тодора, луцидна, непредвидлива и мистериозна. За тоа како го градела ликот, вели дека карактерните особини на Тодора може да ги препознае и кај себе, кај мајка ѝ и баба ѝ, па и кај помладите колеги Сара и Филип.

Актерот Дејан Лилиќ, пак, го игра д-р Миле Зец, син на Тодора. Тој е дрзок, арогантен и самобендисан. За својот лик рече: „Наоѓам делови, сегменти и реакции од Зец во многу луѓе од нашата околина. Можеби тоа им е начин полесно да преживеат. Не им завидувам. Ниту, пак, имам желба за таков живот. Како да му завидуваш на човек кој си го пропушта животот?!“

Долгогодишниот соработник на Манчевски, Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција, директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија, кастинг-директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева.

Британскиот дизајнер на продукција, Манс, рече дека избраните локации низ Скопје за овој филм ја отсликуваат визуелната структура на градот, ама и социјалните слоеви. „Во срцето на приказната се ликовите и односите меѓу нив — сестра/брат, мајка/син, оние што имаат и оние што немаат, тие што имаат моќ и тие што се немоќни. Сето ова е вградeно во сценографскиот дизајн на филмот, кој служи како визуелен израз на приказната“.

Кинематограферот од Италија, Стефано Фаливене, кој за првпат соработува со Манчевски, има работено со бројни режисерски великани, меѓу кои и Абел Ферара, Амос Гитај, Уберто Пасолини и Деклан Донелан, а има соработувано и со Мартин Скорсезе, Тери Гилијам, Ридли Скот и Сергеј Бондарчук. На прашањето кој е најзабавниот и најсмешен режисер со кого соработувал досега, рече дека тоа без двоумење е Тери Гилијам.

Филмот е во продукција на „Банана филм“, а освен Агенцијата за филм, го помогнале и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. За снимање се предвидени 30 дена, до втората половина на август, а освен на Аквадуктот, ќе се снима и во Скопје и околината: во затвор, куќа во Драчево, мала железничка станица, приватна куќа, по скопските улици, Даут-пашиниот амам. (Н.И.Т.)

 Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ