Физиономијата на „Астерфест“ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини, некои се светски, интернационални, балкански и македонски премиери. Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи по 20. пат, од 4 до 8 август, во Струмица
Под мотото „Филмски крстопати“, со разновидна и интересна програмска селекција и со Милчо Манчевски како годинашен лауреат на наградата „Астер“ за највисоки достигнувања во светскиот и во македонскиот филм, ќе се одржи јубилејното 20. издание на интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, од 4 до 8 август, во Струмица.
– Ме радува наградата на „Астерфест“. Фала ви, луѓе! Уметноста се прави за да се допре срцето на другиот. Се надевам дека она што го правам со години ве допира и создава нови чувства. Многу поздрав од снимањето на „Збогум, Копакабано“ – изјави Манчевски по повод наградата.
Манчевски е еден од најеминентните македонски и светски филмаџии. „Њујорк тајмс“ го вброи неговиот славен филм „Пред дождот“ во својата листа „Најдобрите 1.000 филма направени некогаш“. Тој ги освои „Златниот лав“ во Венеција, наградата „Индепендент спирит“, имаше номинација за „Оскар“ и се смета за најтрофеен македонски филмски режисер.
Годинашен добитник на почесното признание на „Астерфест“ за особени достигнувања на полето на филмската и на ТВ-продукцијата, пак, е реномираната британска продуцентка Ребека О’Брајан, попозната како продуцентка на Кен Лоуч. По тој повод, деновиве, во „Сине-реал“ во Лондон, еден од ретките кинотечни клубови, се одржа мала церемонија во присуство на филмски автори, академици и на официјални претставници на Филмскиот совет на „Астерфест“, при што на О’Брајан ѝ беше доделена почесната плакета од „Астерфест“.
Како што велат од фестивалот, таа ја примила наградата со голема возбуда од основачот и директор на „Астерфест“, Горан Тренчовски, истакнувајќи дека е длабоко почестена што „Астерфест“, Струмица и Македонија го ценат нејзиниот придонес како филмска продуцентка.
Нејзин прв филм со Лоуч e „Скриена агенда“, по што имаат снимено осумнаесет долгометражни филма. Во 2002 година, заедно го основаа продукциското студио „Шеснаесет филма“. Таа во моментот е член на Управниот одбор на „Бритиш скрин“. Двапати беше добитничка на „Златната палма“ на Кан, а е добитничка и на БАФТА за најдобар британски филм. Воедно, „Астерфест“ и нејзината матична продукција, „Шеснаесет филма“, поведоа иницијатива да се прикажат избрани филмови од Ребека О’Брајан и Кен Лоуч, преведени на македонски јазик.

Добитник, пак, на специјалната награда, плакета на „Астерфест“ за долгогодишни врвни актерски остварувања во македонскиот и во балканскиот филм, е еден од најмаркантните наши актери, Емил Рубен.
– Кога ќе те потсети некој дека си точно 70 години во филмот, ќе признаете дека се јавува мала „нелагода“. Од друга страна, баш е добро чувството кога ќе добиеш признание за тоа. А за ова се виновни луѓето од „Астерфест“, за што им се заблагодарувам и им посакувам успешен фестивал – изјави Рубен по овој повод.
Рубен е во филмот и во театарот од најраното детство. До пензионирањето беше вработен како актер во МНТ. Тој е еден од ретките македонски филмски актери што имале можност да снимаат со актерите Миливоје Живановиќ, Мира Ступица, Бранко Плеша, Раде Марковиќ, Ристо Шишков, Мадлен Жобер, Илија Џувалековски. Има остварено значајни улоги во филмовите „Истрел“, „Јазол“, „Збогум на 20 век“, „Писмо“, „Балканкан“, „Големата вода“, „Трето полувреме“. Играше и во „Ветрот запре пред зори“, „Партизански приказни“, „Денот четиринаесетти“, „Јавачи на бура“, „Инвалид по несреќата“ и има низа улоги и на радио и на телевизија.
На фестивалот ќе има специјална проекција во чест на Емил Рубен и одбележување на 25 години од снимањето, на дигитализираната копија од Кинотеката на Македонија на среднометражниот филм „Писмо“ на Васил Христов, во копродукција на „Дигит проп“ и „De Productie“ од Белгија.
Инаку, како што посочуваат од фестивалот за програмата, физиономијата на „Астерфест“ останува посветена на авторскиот филм, со прикажување врвни и квалитетни филмови од различни жанрови и должини, некои се светски, интернационални, балкански и македонски премиери.
Во годинашната официјална натпреварувачка селекција на „Астерфест“ ќе се прикажат краткометражните: американските „Не стравувај од самиот страв“ на Даун Вестлејк и „Браќа по застава“ на Пеп Стојановиќ; францускиот „Еј, Ханун“ на Лина Тадуни и Софијан Шуеб; холандско-белгискиот оскаровец „Јас не сум робот“ на Викторија Вармердам, чиј копродуцент е трикратниот оскаровец Ким Магнусон, кој лани беше во Струмица; црногорскиот „Лаеж“ на Бранислав Милатовиќ; британскиот „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска; кинескиот „Меуресто сеќавање“ на Мингвеј Ма и Џјиаји Кристина Фу; шкотско-полскиот добитник на БАФТА – „Мечокот по име Војтек“ на Ијан Гарднер; белгискиот „Петок, 1 јули“ на Сара Ледерман; хрватскиот „Самотија“ на Боби Грубиќ по сценарио на Миро Гавран; полскиот „Секој има убиено некого“ на Ангелика Цигал; француско-полскиот „Сок од портокал“ на Александар Атане; рускиот „Темната шума“ на Татјана Петрова; швајцарско-македонскиот „Турбо-нет“ на Надежда Панов; холандскиот „Ќелиски другари“ на Меле Виндиг и група коавтори; шпанскиот „Умирање“ на Хесус Мартинес „Нота“, како и македонските „Амра“ на Васил Христов, „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска и „Избор“ на Марко Црногорски.
На „Астерфест“, во чест на наградените, ќе биде прикажан и актуелниот долгометражен игран филм „Лена и Владимир“ на режисерот Игор Алексов, на „Мајнд продукција“. За гран- прито, за „Златната“, „Сребрената“ и за „Бронзената потковица“, како и за наградите за најдобар режисер „Ацо Алексов“ и за најдобро сценарио „Ѓорги Абаџиев“, ќе одлучува жирито во состав на филмските автори: Клара Дошлов, Сезер Салихи и Ице Виранов. Уникатните статуетки и традиционални награди за „Астерфест“ ги изработи ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Вечерните проекции на фестивалот ќе се одвиваат во амфитеатарот во Градскиот парк во Струмица, а алтернативен простор е ЦК „Антон Панов“. Во „Јуроп хаус“ ќе се одржи и промоција на новото коло од едицијата филмолошка и уметничка литература („Ефектот на пеперутката“, „Малиот Ејолф“, „Насловите како хиероглифски записи“), а ќе се одржи и традиционалната филмска посета на манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјуса.
„Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.