МАНАСТИРОТ „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ КАЈ МАТКА ГО ОДБЕЛЕЖУВА ПАТРОНОТ, СЕСТРИНСТВОТО СО ПОСЕБНА МИСИЈА: Везовите со мотиви од фреските од Лесново, Велјуса, Нагоричане  –  чувари на вековната македонска традиција 

351

Материјалното и духовното наследство е она што го одбележува секој народ, па и македонскиот. А традицијата е она низ што тоа се пренесува и со што секој народ се потврдува и опстојува. Заради тоа е многу важно зачувувањето и одржувањето на традицијата, но и нејзиното осовременување во сите сегменти преку кои го изразува идентитетот на еден народ. Важноста на ова најдобро ја почувствувал македонскиот народ кој низ векови бил поробен, обесправуван и негиран но кој, сепак, наоѓал начини да си го зачува својот идентитет. Јазикот, фолклорот, народното творештво, обичаите… сето тоа беше чувано низ вековите за да се опстои како народ, како посебност во светот кој знае да биде суров кон оние што не ги чуваат сопствените обележја. Низ таа вековна борба за народно опстојување, Македонската православна црква – Охридска архиепископија давала голем придонес. Таа, со чувањето на христијанската православна вера, со празнувањето на сите празници преточени и во народните обичаи, со блискоста со народот, секогаш била една од најсилните бастиони на македонското народно постоење. Станала, практично, институција која ги поврзува минатото, сегашноста и иднината на народот, која ги чува, опстојува и која ги брани македонските традиции. Сето тоа преку најразлични форми својствени на една верска организација.

А такво едно чување и унапредување на македонската традиција веќе речиси три децении се случува во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матка, кај Скопје, светилиште кое на секој 28 август собира илјадници верници. Начинот е многу посебен: преку изработка на одежди на црковните достоинственици, на владиците, на свештениците и на други црковни текстилни творби, а на кои се вткајуваат изворни македонски народни и црковни мотиви стари со векови. На тој начин одеждите на владиците и на свештениците кои ги облекуваат за време на празнични и сите други служби стануваат олицетворение на пренесување на народната традиција во оваа современа доба. Мотивите се најразлични и ги избира сестринството на овој манастир, најчесто од наши најпознати и највредни духовни светилишта но и археолошки локалитети.

Инспирација од наследството старо со векови

Во сестринството на манастирот ни објаснуваат дека манастирската работилница за изработка на свештени одејанија постои од самото возобновување на монашкиот живот во манастирот 1998-99 година. Велат дека им требало време полека да учат, да се надградуваат во умешноста на изработка на одејанијата. Прво имале мала просторија која не била соодветна за работа, а потоа откако во 2008 година изградиле работилница соодветна на потребите купиле и поголема машина за везење.

Тогаш почнавме со посериозни и покомплексни проекти на изработка свештени одејанија под кои се подразбираат владички, свештенички и ѓаконски одежди до комплетно облекување на една црква: прекривки за Света трпеза, проскомидија, ѓаконикон, завеси и друго. Ние сме мала работилница и како што претходно споменавме, работиме посериозни и покомплексни проекти од дизајнирање до везење, кроење и шиење на еден пар одежди или облекување на една црква. Работиме исклучиво по нарачки, а капацитетот на работа ни е од десет до петнаесет пара одежди годишно, зависно од обемот и тежината на дизајните. За еден пар одежди некогаш ни се потребни дури до два-три месеци работа. Не ги жалиме ни трудот ниту, пак, времето потрошени во работата, со љубов и молитва твориме ракотворби кои се надеваме ќе остават трага, ќе станат дел од црковната ризница и извор на инспирација за генерациите по нас, како што и ние инспирирани, црпиме и се ползуваме од богатата ризница на фрескоживопис и црковната орнаментика што ја твореле и ни ја оставиле во наследство со векови наназад нашите предци вдахновени од Светиот Дух – ни велат во сестринството на ова светилиште.

Така, на одеждите на владиците и на свештениците веќе можат да се видат најразлични мотиви од нашата историја. Таквите одежди и се нарекуваат според светилиштата од кои се земени мотивите. На лесновските владички одејанија, на пример, дизајнот на везот е земен од фреската во олтарниот источен ѕид на светилиштето посветено на Св. Архангел Михаил сликана во 1347 година, во Матка владички одејанија се вградени мотивите од камената резба на делот на олтарен столб од 6 век вграден во манастирската црква и што беше првиот покомплексен вез што го изработило сестринството. Кај старомакедонски владички одејанија се користени елементи дизајнирани според релјеф на камен од ранохристијанска црква во епископското седиште на локалитетот „Чебрен“ на античкиот град Антанија во Македонија, додека мозаиците од археолошкиот локалитет се основа за дизајните на свештенички одејанија на моделот Стоби. Велјушки крст, по кој се препознава црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ во Велјушкиот манастир во околината на Струмица, кој датира од 1085 година, е вткаен во свештенички одејанија Велјуса. Од нагоричански одежди, пак, се застапени детали од фрескоживописот на Михаил и Евтихиј  во црквата посветена на Свети Георгиј од 22 век во Старо Нагоричане…

Од сестринството наведуваат дека основните мотиви се пренесувале низ поколенијата и преку градбите. Односно, доколку претходно имало постар храм, од кои било причини бил разрушен, оштетен, помал па се проширувал, најчесто во градбата се вградувале и се употребувале елементи од стариот храм и за сведоштво на неговото постоење и за надградувањето и продолжувањето на поставената основа.

Во таа смисла, сметавме за добро и да оддадеме почит на многувековната вера и творештво,  кај својот македонски народ, но и кај сите народи, пред сè христијански, да учиме од неа, и според силите да ја посведочиме и продолжиме. Оттука, при изработката на едно одејание користиме главно мотиви од еден храм, манастир, за да се сочува и да е восогласен стилот. Најмногу според нашиот вкус, а и според желбата на самите отци. Користени се мотиви од Стоби, Хераклеа, нашиот манастир, „Св. Јован Златоуст“  Матка, „Св. Андреј “ Матка, Лесново, манастирот во Велјуса, резбата во камен од Антанија, резбите во дрво од манастирот Слепче, фрескописите во храмовите во Нерези и Нагоричане, исто детали од поменикот на Бигорскиот манастир, детали од ракописното црковнословенско Евангелие на св. Никодим Тисмански, Евангелието кое се смета за подарено од цар Самуил на тогаш киевскиот цар… Охридските икони… Но исто и мотиви од народната носија, која во себе го изразува достоинствениот, смирен и непоколеблив христијански дух на нашите предци, кои ја сочувале и ни ја предале живата вера во Христа – нагласуваат од сестринството.

И достоинственици од други православни цркви со мотиви од Македонија

За нивните одежди веќе има голем интерес, како кај достоинствениците на МПЦ-ОА. Повеќето македонски свештеници се одлучуваат за одежди со дизајни кои се обележје на нашата црковна орнаментика, но не секогаш. Одеждите се облекуваат исклучиво за богослужбите што се востановени во црквата, како што се Светата Литургија, Утрената, Вечерната Богослужба, така и за Светите Тајни Крштение, Венчавка и Погребение. Но интерес има и кај достоинственици на други православни цркви.

Од 2008 до денес сме изработиле одејанија како за архиепископот и други владици и свештеници од МПЦ-ОА во земјата и дијаспората, така и за клирици од цела православна екумена, дали било владика, свештеник или ѓакон од Америка, Канада, Австралија, Финска, Швајцарија, Франција, Исланд, Србија, Грција, Бугарија, Романија и други земји. Поголемиот број одежди што сме ги изработиле за свештенослужителите од другите православни цркви се со наш печат и со мотиви инспирирани од фрескоживописот и орнаментиката на македонските манастири. Секој свештенослужител си е посебна личност со свои особености и вкус, па зависно од тоа се одлучува и за одежди со дизајни кои нему лично му се допаѓаат и одговараат – наведуваат од сестринството.

Со тоа и во македонската црковна и народна традиција се потврдува важноста на свештеничката облека утврдена уште од раните христијански времиња, како мост што го поврзува световниот со духовниот живот и постојано потсетување на светата мисија на нашите свештеници. Односно, дека мантиите и расите што ги носат епископите, свештениците, ѓаконите и монасите се симболи на посветеност, смирение, сериозност и пожртвуваност, како и чувари на народниот, македонски идентитет. (Б.Ѓ.)

 

Спонтано доаѓање до дизајнот

Никогаш не можеме да планираме каков ќе биде новиот дизајн, секогаш спонтано доаѓа според желбата на тој што нарачува и колкава слобода ни се остава да осмислиме одежди според наша инспирација. Во секој случај, одеждите ги правиме тематски според изворот од кој се ползуваме, како на пример, ако името им е Хераклеја, мотивите се според истоимените мозаици, или ако се именувани Нерези мотивите се според фреските и орнаментите од Св. Пантелејмон во Нерези – ни објаснуваат од манастирското сестринството во Матка.

 

Симболиката на боите

Секоја боја на црковната облека на верските достоинственици свештениците има и свое особено значење. Така, белата е симбол на радост, чистота и просветлување, додека црвената го има значењето на крвта пролеана од Христос и неговите ученици, апостоли, светци и маченици. Зелената боја за православните христијани е симбол на надежта за вечно блаженство стекнато преку заслугите на Исус Христос и дарот на Светиот Дух. Празниците на Богородица се придружени со сини бои на облеката на свештенството, а што е и бојата на невиноста и чистотата. Црната и темно црвената боја означуваат каење и тага.

 

ИЗДВОЕНИ