Производителот на камиони и на автобуси MAН објави дека има намера да укине околу 2.300 работни места во својата матична Германија во следните десет години.
Работниците нема да бидат отпуштени, нагласи портпаролот на компанијата, но работните места ќе бидат укинати како што ќе се пензионираат вработените.
Најголем број работни места ќе бидат укинати во главната фабрика на MAН во Минхен, вкупно 1.300, додека фабриките во Залцгитер и во Нирнберг ќе загубат 600 и 400, соодветно.
MAН мора „да се приспособи на континуирано слабиот пазар на камиони во Германија“, рече портпаролот, додавајќи дека бизнисот на компанијата е оптоварен со скапата електрична енергија, со високите трошоци за работна сила и со сè посилниот притисок од азиската конкуренција.
– Влегуваме во фаза на големи инвестиции и мора да бидеме профитабилни подолг временски период за да го прошириме портфолиото на производи – рече портпаролот.












