Малолетниот убиец К.К., кој на 3 мај 2023 година изврши масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград би убил повеќе соученици доколку на кратко не му се стеснела свеста. Ова го тврдат судските вештаци кои зборуваа на едно од рочиштата против неговите родители, Миљана и Владимир Кецмановиќ, по приватна тужба на родители на една од неговите жртви.
Кецмановиќ во својот крвав поход го уби обезбедувачот на училиштето и девет соученици, а неколку рани. Вештаци, психијатар и психолог, велат дека во моментот кога го вршел масакрот тој бил способен да расудува и да ги насочува своите постапки и дека она што го планирал, било реализирано во голема мера. Вештакот Миодраг Станковиќ рече дека малолетникот бил свесен за своите постапки, но и дека накратко имал стеснување на свеста. Тој, исто така, процени дека К.К. би убил повеќе луѓе доколку не му се случело тоа стеснување на свеста, зашто рекол дека му се случило нешто што го спречило да го исполни својот план до крај, односно понатамошното извршување на злосторството решил да го запре во моментот кога минувал покрај прозорецот.
Наодот на вештаците посочува на тоа дека К.К. внимателно го испланирал злосторството и истражувал какви ќе бидат санкциите за извршување масовно убиство. Тој не само што го истражувал Кривичниот законик на Србија, туку проверувал и како се третираат таквите злосторства во други земји, зашто планирал „делото да биде големо и тешко“. Малолетникот, како што изјави Станковиќ, исто така испланирал како да го заштити својот живот – со предавање без оружје, кое го фрлил подалеку во училишниот двор. Вештакот изјави дека малолетникот рекол дека се сеќава дека прво го убил чуварот на училиштето, потоа две дежурни ученички и уште едно девојче пред тоалетот.
Исто така, експертите велат дека момчето убиец рекло дека не се сеќава на сè од злосторството. Вештакот Анета Лакиќ посочува дека ова негово губење на меморијата е сомнително, бидејќи кога го прашале дали видел крв, рекол не, туку дека пукал само во тела. Таа исто така изјави дека снимката од безбедносната камера на училиштето не покажува дека К.К. бил во паника.
Малолетниот К.К. според српските закокони не може да одговара кривично, зашто во моментот на масакрот немал наполнето 14 години. Семејствата на неговите жртви најавија дека до Министерството за правда ќе поднесат иницијатива за измени на Кривичниот законик и на Законот за малолетни сторители на кривични дела и кривична заштита, за намалување на границата за кривична одговорност од 14, на 12 години.