Малолетно девојче од Тетово, на 15-годишна возраст, било доведено во заблуда дека ќе започне љубовна врска, а потоа со закани и уцени било принудено на употреба на опојни дроги и сексуална експлоатација, утврдила истрагата на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, кој денеска поднесе кривична пријава против пет лица од Тетово.
Како што соопшти МВР, првопријавениот Ф.М. во временскиот период од мај 2023 година до крајот на 2024 година, доведувајќи го во заблуда – детето жртва – тогаш на 15 годишна возраст, дека ќе започнат љубовна врска, преку сериозна закана и уцена ја принудил жртвата на користење на опојни дроги и на сексуална експлоатација. Притоа, со цел стекнување на противправна имотна корист Ф.М., по претходен договор со пријавените И.Д., А.С. и Л.С. како и со инволвирање на други непознати лица, овозможил вршење на полови дејствија врз детето жртва од нивна страна, а на повеќе локации на подрачје на Тетово. Петопријавениот Р.М. по претходен договор со Ф.М. како лице задолжено за безбедноста на детето, ја искористил неговата улога и присилно, спротивно на волјата на детето извршил полов однос врз истото.
По наредба на судија на претходна постапка, извршени се претреси на четири локации, при што се пронајдени мобилни телефони и СИМ картички, а сите пет лица се лишени од слобода.












