Драчевската Пештера, која се наоѓа на северните падини на Китка, во близина на селото Вртекица, е непозната за многумина. Легендата ја врзува за жените што немаат пород, поради нејзината форма во вид на матка. Меѓу првите што стапнале во неа, заедно со драчевските планинари, е и Јане Ацевски, професор на Шумарскиот факултет, кој живее во Драчево. За весникот ВЕЧЕР, тој ја раскажа приказната за тоа што нуди ова природно богатство

 

Драчевската Пештера, која се наоѓа на северните падини на Китка, во близина на селото Вртекица, е непозната за многумина.

Меѓу првите што стапнале во неа, заедно со драчевските планинари, е и Јане Ацевски, инаку професор на Шумарскиот факултет, кој живее во Драчево. За весникот ВЕЧЕР, тој ја раскажа приказната за тоа што нуди ова природно богатство.

Неговиот сосед, уште кога бил дете на петнаесетина години, му кажал дека под пазувите на Китка има пештера на која луѓето врзувале крпчиња.

– Јас и мојот другар отидовме и ја најдовме пештерата. Дознав дека жените што не можеле да имаат пород, ставале дел од својата облека таму, бидејќи постоело верување дека откако ќе го направат тоа, ќе може да родат дете. Ова верување потекнувало токму од тоа што е пештерата во форма на матка – вели Ацевски.

Тој додава дека таа била позната како спела, што на албански значи „пештера“.

– Кога бевме во март со другарите, во неа извираше вода. Тоа беше поток. Еден од другарите имаше маска за нуркање  и влезе во пештерата, но не можеше да види што има во неа.  Повторно отидовме во јули, кога не течеше вода во неа. Зедовме мотики и копавме. Бидејќи бевме околу шестмина искусни планинари, успеавме да влеземе внатре, иако влезот е тесен, околу 30-40 сантиметри. Во внатрешноста се појави вода – објасни Ацевски.

Тој додаде дека повикале и членови од спелеолошкото друштво „Пеони“ влегле и со нив и ја истражиле пештерата во која имало многу сталактити и сталагмити.

Но, оваа убавина ретко кој ја посетува. Ацевски вели дека еден професор од училиштето „Свети Климент Охридски“ на територијата на Општина Кисела Вода ги носел учениците да ја видат и да ја посетат оваа пештера.

– Често ја посетуваат планинари и рекреативци од Драчево, но засега непозната за туристите – тврди Ацевски.

Една од неговите идеи е малку повеќе да се популаризира таа, како природна карактеристика на подрачјето на планината Китка.

– Може да се постави некаква табла, потоа фотографии за тоа како изгледа пештерата и некако да се приспособи за посетители – оцени Ацевски.   

Драчевската Пештера е сместена во дол, на надморска височина од 700 метри. Отворот се наоѓа во една карпа, а лесно пристапен е првиот дел во должина од 10 метри, каде што започнува еден тесен канал низ кој мора да се оди во лежечка положба, со провирање со задржан воздух за да се влезе во главната сала. Во нејзиниот средиштен дел е изградена пештерска сала од 54 квадратни метри, средна височина на таванот до пет метри. Вкупната должина на пештерата достигнува 130 метри. Во Драчевската Пештера, во нејзиниот почетен дел, регистрирана е рецентна пештерска фауна. Според категоризацијата на пештерите во Македонија, Драчевската Пештера спаѓа во категоријата значајни пештери.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ