Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, забележа голема победа во второто коло од главната фаза во Европската лига. „Црвено-црните“ на домашен терен го совладаа бундеслигашот Мелсунген со 37-34 и во следното коло, против Бенфика пред своите навивачи ќе го имаат директниот дуел за пласман во четвртфиналето. Победата на Вардар добива на значење ако се знае дека противникот во првото полувреме имаше и шест гола предност.

„Мелсунген на сите во салата им покажа дека има одличен тим со одличен тренер и систем, иако не беа дојдени во најсилен состав. Од прв до последен момент сакаа да се докажуваат, а тоа е многу важно. Нашиот проблем беше што малку ги потценивме во првиот дел. Не дека Мелсунген не заслужи да одигра така, ама Вардар не беше на посакуваното ниво за Лигата на Европа. Сепак, во продолжението покажавме дека имаме поголема ротација, имавме добар голман и се собравме во одбраната, па тоа не донесе до победата. Нема зошто да сум незадоволен по победата. Моите играчи не беа на нивото на кое мора да игра Вардар во оваа сала пред домашните навивачи, но двата бода се тука, се приближивме до нашата цел“, изјави тренерот на „црвено – црните“ Иван Чупиќ.

По мечот освен тренерот Чупиќ, своето мисдлење за мечот го кажа и Вукашин Воркапиќ.

„Ова беше голема победа за нас. Многу беше тешко, цел натпревар игравме седум на шест и тоа беше тешко. Сепак, триесет-четириесет минути се боревме добро и на крајот тоа се исплати и победивме. Сакам да му честитам на мојот тим, но и да им посакам на играчите на Мелсунген да се опорават за следните предизвици“, кажа Воркапиќ.

Јака Малус и Вукашин Воркапиќ го торпедираа голот на Мелсунген, Малус постигна десет, а Воркапиќ девет гола. Вардар сега се израмни со Бенфика со по четири бода, а на домашен терен против португалскиот тим ќе брка победа од пет гола разлика за пласман во четвртфиналето.

На другите средби немаше поголеми иззненадувања, освен поразот дома на Нексе, како и триумфот на Порто на гости во Шпанија.

Лига на Европа, главна рунда, 2 коло, резултати: група 1: Фленсбург – Монпелје 40:35, Бидасоа Ирун – Кил 32:37, група 2: Гранољерс – Порто 27:29, Архус – Елверум 32:25, група 3: Вардар – Мелсунген 37:33, Кристијанштад – Бенфика 34:38, група 4: Нексе – Фредериција 33:34, Кадетен Шафхаузен – Хановер 24:36

ИЗДВОЕНИ