Малку бели зборови, многу црн политички говор – каква кампања ќе гледаме?: „Измеќари, предавници, овчари, бугаризатори…“ е далеку од позитивна реторика!

91

Амбиентот во државата е веќе речиси целосно изборен. Гласањето е закажано за 19 октомври и за 2 ноември, голем дел од кандидатите за градоначалници и за советници веќе се познати, тие веќе имаат интензивни средби со граѓаните, најавуваат проекти по населбите… Сето тоа е со сите карактеристики на започната кампања и за што нема законска санкција, оти нашите закони не направиле разлика меѓу предвремена и редовна изборна кампања, која се одржува дваесет дена пред гласањето. А од она што се гледа и слуша на настапите на кандидатите, нивните лидери, партиски штабови, функционери, станува јасно дека изборната кампања ќе биде жестока. Таква атмосфера, полека, но и сè повеќе, се создава во јавноста. Така е оти влоговите на овие локални избори се големи – како од страна на власта така и од страна на опозицијата. По едногодишното водење на земјата, владината коалиција сака да покаже дека има добри резултати со кои сака и да продолжи, со тоа што ќе добие најмногу градоначалници и советници. Наспроти ова, опозициските партии посакуваат враќање на загубениот рејтинг, но и можност да предизвикаат нови парламентарни избори. Ваквите партиски и кандидатски стратегии секојдневно се надополнуваат со жешки зборови, тешки квалификации, па и навредување на политичкиот противник. Целта е да се омаловажи ривалот, граѓаните да не гласаат за него, но како последица е фактот што кампањата сè повеќе станува негативна, црна и валкана. Со тоа, едноставно, се газат апелите таа да биде фер, демократска, позитивна… Токму на тоа минатата недела повика собранискиот претседател, Африм Гаши, кога ги распиша изборите.

–Сите политички сили, кандидати и соодветни структури да покажат висок степен на политичка култура, да избегнуваат каква било форма на притисок, разделбен говор и секој обид за инструментализација на институциите и на јавните ресурси за партиски интереси – порача тој.

Експертите по комуникологија укажуваат дека веќе сме во продолжена изборна кампања.

– Ова се случува десетици изборни циклуси наназад. Иако официјалниот старт има своја правна и временска рамка, на терен политичарите и партиите одамна почнаа со активности. Ова суштински претставува неформална кампања и ќе се интензивира сè до октомври, кога ќе се прелее во формалниот дел – вели комуникологот Сеад Џигал за ВЕЧЕР.

Тешки зборови за партиските ривали

Но, она што се слуша и прави како да не навестува дека ќе имаме висока политичка култура и позитивна кампања. Неодамна, во Гевгелија, премиерот Христијан Мицкоски ја нарече опозицијата „измеќар на туѓи интереси“.

– Ние продолжуваме да се бориме за нашиот идентитет, а не тоа што сакаат да бидеме некакви модерни Македонци. Можеби, тоа е само во нивната микроорбита на измеќари на туѓи интереси и предавници од највисок ков и тоа се покажа и докажа во минатото. Владата на СДСМ и ДУИ единственото нешто што го правеше, покрај тоа што го знае најдобро – да краде, беа националните предавства и потпишувањето на сите документи што ѝ беа ставани на маса – изјави тогаш Мицкоски.

Премиерот завчера предизвика и реакции кај дел од партиите на Албанците во земјава откако изјави дека „ не може да биде праведна и чесна војната во 2001 година, кога некој од заседа кукавички одземал животи“. Претходно, неговиот вицепремиер, Изет Меџити кажа дека таа војна била „праведна, оправдана и чиста“.

Со свои соопштенија се надоврзуваше и владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го обвинуваа СДСМ дека е поврзан со бугарските структури што го негираат македонскиот идентитет, дека се финансирани од бугарските фондови за оркестрирано да измислуваат лаги и конструкции за владејачката партија и за државните функционери. Владејачката партија ги обвини и функционерите од опозициската ДУИ дека од „овчари станале милионери“.

– Визијата на Али Ахмети е таа. Пљачкање на Македонија, создавање тајкуни и мафијаши од овчари и неписмени уличари под плаштот на борбата за демократија – соопштија од владејачката партија.

На ова, со тешки зборови се надоврза и министерот Арбен Фетаи од редовите на „Вреди“, кој во објавата на „Фејсбук“ ја нарече ДУИ „скапана партија што измислува одвратни клевети“.

– Ги корнеме од државата, им ги растураме валканите зделки, го демонтираме нивниот криминален систем – нагласи Фетаи.

На сето ова возвраќаат и опозициските партии и нивните функционери. На една неодамнешна собраниска седница, пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески реагира на изјавите на премиерот Мицкоски.

– Кога зборуваме за предавници и патриоти – на погрешна адреса се обраќате. Имаме чиста и јасна идеологија и ние сите, како социјалдемократи, сме наследници на АСНОМ-ските идеали и вредности на антифашизмот – за разлика од хибридната идеологија на ВМРО-ДПМНЕ, која час се претставува како наследник на Ванчо Михајлов и Тодор Александров, а час на Гоце Делчев – рече тој.

Неговиот сопартиец, Миле Талески, пак, од собраниската говорница ја обвини владејачката партија дека „сака да го бугаризира македонскиот народ“.

– Не се грижите ниту за јазикот, ниту за идентитетот, ниту за достоинството на Македонија. Мислите дека Бугарија е проблемот, а, всушност, сакате да го бугаризирате македонскиот народ со тоа што не правите ништо за да го продолжиме европскиот интеграциски пат – обвини пратеникот на СДСМ.

Од ДУИ, пак, на обвинувањата од „Вреди“ одговараат дека е коалиција што е „уценета и контролирана“.

– ВМРО-ДПМНЕ ги создаде и ги избра токму затоа што се уценливи и контролирани преку отворени досиеја. Албанците никогаш нема да ја прифатат оваа фарса од претставување, каде што нивниот глас се заменува со луѓе покорени од стравот од кривична одговорност – беше наведено во едно партиско соопштение.

Според комуникологот Џигал, ова е и очекувано, бидејќи интензитетот на неформалниот дел од кампањите ќе биде изразен, особено кај поголемите партии.

– Тие гледаат на локалните избори како тест за својата вкупна политичка тежина и обид за останување или враќање на власт. Изборите се најдобра анкета за нив, а освоените позиции на локалната власт обично многу им помагаат во битката за освојување или задржување на централната власт. Така, секои избори се битка на сѐ или ништо и затоа темите многу често излегуваат од рамката на самиот тип на изборите – потенцира тој.

Теми со силен емоционален набој

Сега е прашање што може да се очекува во иднина, до официјалниот почеток на изборната кампања – стивнување или натамошно заострување?

– Веќе забележуваме дека реториката станува поагресивна, а во политичкиот дискурс влегуваат теми со силен емоционален набој, како конфликтот од 2001 година, вербалните пресметки на навивачите и други чувствителни прашања. Секако, ова е меч со две острици. Од една страна, мобилизира дел од сопственото членство и неопределените, но многу често демотивира и пасивизира голем дел од партиски неопределените гласачи. Исто така, ова е показател дека постои слаба мотивираност за гласање кај добар дел од гласачите, но и недостиг на реализирани проекти и идеи за решавање на проблемите на граѓаните – објаснува Сеад Џигал.

На терен се забележуваат и добри примери за средби и контакти на кандидатите. Во Карпош, Маја Мојсова од СДСМ се сретна со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, при што заборуваа за изборната трка во која се ривали.

– Јавно се обврзувам на фер, коректна и достоинствена политичка трка со сите чинители на локалните избори – објави Мојсова.

Важен чекор ќе биде и потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори, документ што го прифаќаат претставниците на најголем дел од партиите – учесници на изборите. Но, сепак, најважно ќе биде она што се прави на терен, на средбите со граѓаните, на јавните собири, во обраќањата на лидерите. А набрзо ќе се покаже и кои теми ќе бидат доминантни во обраќањата на лидерите и на кандидатите – дали оние врзани за општите состојби во земјава, нејзината евроинтеграција и економската состојба или изградбата на улици, водоводи, канализација, паркови… Како и да биде, употребата на јазикот на омраза, навредите, клеветите… сепак, нема да водат кон мирни, фер и демократски избори. (Б. Ѓ.)

 

Опасност од менување на суштината на изборите

Комуникологот Џигал предупредува дека постои сериозна опасност изборите тие да паднат во сенка на „големите државни теми“.

– Тоа особено важи кога се поттикнуваат политички наративи дека исходот ќе биде индикатор за предвремени парламентарни избори или за потврда или промени на политичкиот правец на државата. За жал, сѐ почесто изборите се третираат како некакви референдуми што треба да ги покријат правната и политичката одговорност, што ги поткопуваат правниот и политичкиот систем и довербата во нив. Во таков контекст, локалните проблеми, инфраструктурата, комуналните услуги, урбанизмот добиваат помал медиумски простор. Тоа на негативен начин ја менува суштината на изборите, па наместо фокус на локалните потреби, се одвива битка за политичка превласт – нагласува тој.

 

ИЗДВОЕНИ