Тргни – застани со автомобилите по обилниот дожд, менувачот постојано во прва брзина, возилата едвај се поместуваа, тони издувни гасови од ауспусите, искинати нерви на возачите, бескрајно доцнење… Сето ова вчера беше собрано во новиот сообраќаен колапс кој градот одново го доживеа и кој траеше речиси цел ден, од раните утрински часови, па до вечерта. Колони и колони возила со брзина на полжав на речиси сите витални градски сообраќајници: булеварите „Александар Македонски“, „Крсте Мисирков“, „Кочо Рацин“, „Јане Сандански“, „Димитрие Чупоски“, „Борис Трајковски“, „Мит. Теодосиј Гологанов“, улиците „Антон Панов“, „Јордан Мијалков“… Речиси целосна парализа на најважните градски сообраќајници, чиј проток секојдневно е мошне оптоварен. Но, завчера сообраќајниот метеж доживеа нова кулминација, со сите штетни последици за граѓаните. Зошто му се случуваат периодично вакви колапси на Скопје?
Од МВР денеска ни изјавија дека метежот се должел на неколку причини.
– Свое влијание имаше дождот, но и блокадите на сообраќајниците од страна на граѓаните во Општина Аеродром, на булеварот „Киро Глигоров“, поради депонијата „Вардариште“, како и блокадата на вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ на булеварот „Илинденска“ – соопштија оттаму.
Но, прашање е дали само ова се причините за колапсот во сообраќајот, кој сега се случи во екот на кампањата за локалните избори. Не е првпат да врне дожд во Скопје, а блокади имаше и во изминати денови, при што завчерашниот хаос настана веќе во раните утрински часови, кога беа блокирани две сообраќајници. Оттаму и мислењето дека постојат и други причини што водат кон стравувањето дека е можен нов и нов колапс во иднина ако не се преземе нешто. А, во тековната изборна кампања за избор на нови градоначалници и советници на Скопје и на скопските општини, на големо се најавува менување на лошата состојба на скопските сообраќајници. Кандидатите најавуваат нови проекти: булевари, улици, мостови… исто како и на минатите изборни циклуси. Но, додека трае кампања, граѓаните се оставени сами на себе и во сообраќајниот колапс, во кој излегуваат најголеми жртви. Слично со комуналниот колапс и со несобирањето на сметот од пренатрупаните контејнери, кои траат веќе со недели. Состојба недостојна на една метропола.
Граѓани: Чекавме и губевме нерви
На беспомошните граѓани, најмногу возачи на автомобили и патници во автобусите во јавниот градски превоз, завчера им преостануваше само да ги истураат својот гнев и својата нервоза од колапсот.
– Чекавме во центар автобус за Аеродром и губевме нерви за по четириесетина минути да дојде еден. Околу 15.50 едвај влеговме внатре, имаше огромен метеж, оти секој сакаше да стигне дома. Навлеговме во колона по булеварите „Кочо Рацин“, покрај Народна банка, Нова железничка станица… Кај ТЦ „Скопјанка“, веќе се разретчи колоната, но во Ново Лисиче бевме дури во 17:30 часот. Очајно се чувствуваме – сведочи една патничка.
Друг скопјанец наведува дека околу 9:45 часот навлегол во колона возила од Олимпискиот базен, која едвај се движела кон ТЦ „Рамстор“, каде што стигнал дури по половина час.
– Имаше метеж и колони уште пред да почнат блокадите, не се тие главни причини, туку друго нешто – вели тој.
И не само тој имаше такво лошо искуство.
– Од полициската станица Беко до Тутунски комбинат, се возевме цели 45 минути. Од мостот кај „Бриколаж“ до пожарната во Автокоманда – 45 минути. Кај „Ист гејт“ стоевме во место цели 30 минути. Ужас, од МТВ до Железничка станица точно два и пол часа ни требаше! – сведочеа граѓаните на социјалните мрежи.
Се поставуваше и прашањето зошто во ситуација кога се случува таков колапс, веднаш не се интервенира.
– Каде беше сообраќајната полиција да го среди и контролира хаосот? Еден полицаец немаше на крстосниците да регулира. Но, имаше по два-тројца што гледаа на пешачки кој ќе помине со мобилен телефон и со слушалки, да пишат некоја казна – револтирано сведочеа граѓаните на социјалните мрежи.
За сообраќајните експерти е дилема дали може настанатиот хаос во голема мера да му се припише на силниот дожд, кој врнеше завчера. Експертот Игор Митревски вели за ВЕЧЕР дека дождовите навистина предизвикуваат забавување на сообраќајот, оти некои возачи возат побавно, но не може тоа да е главната причина.
– Основно е тоа што во градот има преголем број возила за неговите сообраќајни потенцијали, кои масовно се користат од граѓаните. Во Скопје немаме функционален, брз и добар јавен превоз и граѓаните немаат навика да го користат. Оттаму и многу возила со само еден патник во нив, оти и не многу луѓе користат велосипед и слично – објаснува Митревски.
Нови проекти и завршување на започнатите
Предупредувањето дека градската инфраструктура не може да ги задоволи потребите, како за сообраќај така и за водовод, канализација, превоз… не се од вчера. Но, за Скопје е карактеристично и тоа што и она што се планира со години како сообраќајница што би го олеснила протокот на возила, со години не се завршува. Веќе пет години за пуштање чека мостот кај спортската сала во Аеродром, чека продолжувањето на сообраќајницата кон ТЦ „Ист гејт“, чекаат мостовите во Карпош, проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево, проширувањето на булеварот „Александар Македонски“ во Гази Баба за да нема застои на влезот во градот, чекаат клучките, чекаат кружните текови… Сега нивното завршување одново им се ветува на граѓаните од кандидатите за скопски градоначалници, заедно со некои нови проекти.
Орце Ѓорѓиевски, кандидат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, и денеска најави бројни сообраќајни проекти. Тој рече дека прво ќе почне завршувањето на подземната сообраќајница Лимак за да се поврзат општините Кисела Вода и Центар, а ќе следува и проширување на булеварот „Цветан Димов“ во Чаир, изградба на булеварот „Хрватска“ за да се поврзат општините Гази Баба, Чаир и Бутел, проширување на влезот во Скопје во Хиподром, изградба на клучка, пуштање на мостови, заедно со подобрување на јавниот превоз во градот. И кандидатката од опозицискиот СДСМ, Каја Шукова, ветува проекти во сообраќајот, првенствено преку воведување на системот БРТ во јавниот превоз, но и сообраќајни проекти какви што се мостот Влае – Карпош 4, тунелот под „Лимак“, мостот „Обединети нации“… за да се растовари метежот и ќе заштедат илјадници часови загубени во колони. И независниот кандидат Горан Марковски најавува дека ќе се заложи за подобрување на сообраќајниците, најмногу преку безбедни и функционални мостови, подобра сигнализација и подобар јавен превоз за да се дестимулира возењето автомобили.
Намалување на потребата за автомобили
Бројни ветувања за подобрување на протокот на сообраќај за да не се случува колапс како завчерашниот. Но, сообраќајните експерти сметаат дека, сепак, нема да биде доволно тоа.
– Да, потребно е завршување на веќе започнатите и делумно изградени сообраќајници во градското подрачје. Треба, на пример, итно да се заврши подземната сообраќајница Лимак, треба да се пуштат во употреба мостовите во Аеродром и во Карпош, кружниот тек кај „Хубо маркет“ во Карпош. Сите тие, заедно со кружните текови, со клучките што се најавуваат, ќе го олеснат сообраќајот, но искуството покажува дека не секоја изградба на нови сообраќајници води кон намалување на бројот на возила на коловозите и помала опасност од колапс – предупредува експертот Митревски.
Според него, излезот мора да се бара во намалувањето на потребата на граѓаните да ги користат своите автомобили.
– Ако немате потреба да користите автомобил, тогаш на улиците ќе има и помалку коли. Ако имате брз и функционален јавен градски превоз, тогаш него ќе го користите. Исто така, треба да се стимулира и користењето алтернативен превоз каков што се велосипедите, тротинетите и слично. Тоа е најдобар начин и тоа е тренд во европските метрополи. Нам ни треба визија за сообраќајот во Скопје. Не паметам дека некаде и некогаш се зборувало за тоа – објаснува овој експерт. (Б. Ѓ.)