Малите не се еднакви со големите пред судот на ЕХФ?!

9768

Европската ракометна федерација (ЕХФ) уште еднаш ги покажа двојните аршини кога станува збор за малите наспроти големите во светот на европскиот ракомет и покрај тоа што овие помалите имаат поголеми успеси во најсилните натпреварувања на Стариот Континент. Нашата мала Македонија даде тим кој двапати беше шампион на Европа, тоа е Вардар кој го подигна пехарот во Лигата на шампионите во 2017 и 2019 година.

Но, сега во режија на не толку успешниот грчки тим АЕК од Атина и челниците на ЕХФ, друг македонски тим, РК Алкалоид беше спречен да го направи најголемиот успех од неговото кусо постоење, да го подигне пехарот во Европскиот куп на домашен терен, откако на гостувањето, на првиот меч во Атина, славеше со четири гола разлика (29:25).

„Фармацевтите“ направија сè што е во нивна можност да организираат перфектен натпревар во Скопје, но на грчкиот тим не му се допадна тоа што за нивните навивачи не добиле десет проценти од капацитетот на СЦ „Борис Трајковски“, околу 650 билети, туку само 200, што беше најголема причина управата на клубот да не им дозволи на ракометарите да излезат на терен и да го одиграат реваншот од финалниот натпревар, кој требаше да биде празник не само за македонскиот туку и за европскиот ракомет.

Во други околности ЕХФ најверојатно ќе го регистрираше мечот со службен резултат, доколку противникот одбиеше да игра. За ова имавме пример неодамна кога македонската ракометна репрезентација сакаше да биде одложен квалификацискиот натпревар со Словенија за ЕП 2026, поради трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, но тогаш од ЕХФ, на Ракометната федерација на Македонија ѝ се закани со дисквалификација од квалификациите и парична казна доколку не го одигра мечот, што не го направи против АЕК во неделата.

Наместо тоа, челниците на ЕХФ, најавија одлука во најкус можен рок, но и по два дена од инцидентот нема ни трага, ни глас од нив. Најверојатно ќе биде одлучено до крајот на неделава, а исходот по се изгледа нема да биде по мерка на македонскиот клуб. Најлошото сценарио кое може да му се случи на РК Алкалоид е да се донесе одлука да се игра на неутрален терен или, пак, без присуство на публика што повторно би било голема неправда и потврда дека односот на ЕХФ е различен кога се во прашање помалите, наспроти поголемите на картата на ракометна Европа.

На Грците еднаш им успеа ваквиот притисок против Партизан во четвртфиналето во истото натпреварување, кога издејствуваа да се игра на неутрален терен, а дали тоа ќе му се случи и на Алкалоид, ќе биде познато за неколку дена.  (С.Т.)

 

ИЗДВОЕНИ