Професионалноста и етиката се во фокусот на првиот стручен симпозиум на ИСОС и на Здружението на внатрешни ревизори. Претседателката на Институтот на сметководители и овластени сметководители (ИСОС), Весна Прентоска, го нагласи значењето на етиката и предупреди за современите притисоци што може да водат кон мали, но опасни компромиси.

– Денес не зборуваме само за бројки. Зборуваме за вистината зад нив, за довербата што ја градиме и за одговорноста што ја носиме кон професијата, клиентите, јавноста, но, пред сè, кон самите себе – истакна Прентоска.

Таа додаде дека „кога се раководиме од етиката и таа е во центарот на секоја бројка, извештај или одлука, ја јакнеме довербата на партнерите, институциите и на јавноста во нашата професија, а со тоа го подигнуваме и квалитетот.

Во рамките на тематската целина насловена „Малите лаги на големите бројки – етички предизвици зад точноста“, учесниците ги отворија прашањата за тенките граници меѓу професионална процена и креативната интерпретација, организациската култура и личниот интегритет, како и за одговорноста на професионалците во услови на големи очекувања и зголемена динамика.

Симпозиумот претставуваше значајна платформа за поттикнување професионален дијалог, споделување искуства и добри практики и отворање нови перспективи во развојот на сметководствената и на ревизорската професија. ИСОС најави дека ова е само почеток на серија настани што треба да придонесат за натамошно јакнење на интегритетот, компетентноста и на професионалниот капацитет на сметководствената заедница во земјава.

ИЗДВОЕНИ