Во неделата, арената „Тодор Проески“ беше исполнета со детски чекори, насмевки и со аплаузи. Над 800 деца и повеќе од 2.500 посетители ја претворија атлетската патека во сцена за најмасовниот и највесел спортски настан за најмладите во Македонија.
Атмосферата беше вистински спектакл: трибините преполни со родители и со другарчиња, гласна поддршка од публиката и радосни извици што одекнуваа до Градскиот парк. Секое дете што ја мина целната линија беше пречекано со аплауз, гордост и со емоција – токму како вистински шампион.
Оваа година, трката беше организирана во соработка со Атлетската федерација на Македонија. Поддршката и стручноста на Федерацијата му дадоа на настанот дополнителен кредибилитет и гаранција дека сè е организирано на професионално и безбедно ниво.
Првпат најмладите имаа чест да трчаат на вистинска атлетска патека и да го почувствуваат адреналинот на професионалниот спорт. Трките се одржаа во четири возрасни категории: 100 м (7–8 години), 200 м (9–10 години), 300 м (11–12 години) и 400 м (13–14 години). И секој од учесниците понесе дома медал, затоа што сите се победници.
Настанот беше крунисан со наградна лотарија и со вредни подароци, а најважно – со дружење, смеа и со незаборавни моменти за секое дете и за секое семејство. „Виталиа детската трка“ денес е повеќе од спорт – таа е симбол на здрави навики, заедништво и на детска радост.
Малите тркачи уште еднаш покажаа дека најголемите победи не се мерат во секунди и метри, туку во насмевки, среќа и срца што чукаат како едно. Со нетрпение го очекуваме следното издание – нова генерација деца што ќе трча со љубов, енергија и со непобедлив дух.