– Видовме филмови што отсликуваат некои од најитните прашања со кои се соочуваат денес Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како маршрута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства, кои нам сега ни изгледаат барем малку поблиски – кажа на затворањето на фестивалот Христос Пасалис, претседател на жирито

 

Главната награда за најдобар медитерански филм на меѓународниот фестивал „Преку езерото“, кој годинава се одржа од 7 до 12 август во Дојран, ја добија филмот „Мали проблематични девојки“ и Уршка Ѓукиќ, за автентичното прикажување на моминското детство и на тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно, сензуално деби, кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.

-Во изминатите неколку дена, видовме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Гледајќи ги овие филмови заедно со вас, беше привилегија, а да се биде дел од жирито – тоа беше задоволство, но и одговорност што не ја издржавме лесно. Вечерва, на затворањето на фестивалот, имаме чест да ви ги претставиме и победниците – рече Христос Пасалис, претседател на жирито што одлучуваше за наградите, а во чиј состав беа и Теодосија Добријанова и Игор Анѓелков.

Ова четврто издание на филмскиот фестивал на балкански и медитерански филм заврши завчеравечер, токму со прогласувањето на добитниците на наградите, а покрај големата награда за најдобар филм на Медитеранот и за најдобар режисер на Медитеранот, беа доделени и наградите за најдобра актерка и за најдобар актер на Медитеранот, за најдобар композитор на оригинална филмска музика на Медитеранот, како и наградата за најдобар краткометражен филм на Медитеранот.

Наградата за најдобар краток филм ја добија два филм – „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.

– Наградата ја доделуваме на два исклучителни филма, кои нè импресионираа со оригиналноста и со моќно раскажаните приказни. За сложеното и искрено филмско творештво, за нежното прикажување на семејните врски, за суптилниот пристап кон сложените теми како расна дискриминација и алтретирање, за фасцинантните изведби на двата млади главни лика – Луна Робин како Заза и Лоиција Даненхофер како Ана, чија кариера сигурно ќе ја следиме, наградата ја добива филмот „Бланш“ на режисерката Јоана Ракотариса. Исто така, филм што е, покрај политички, и поетски на многу оригинален начин. Филм што нè изненади со својата оригиналност и со атмосферата. За само петнаесет минути, успева да нè потопи во подземен свет исполнет и со надеж и со очај – свет што е истовремено сонлив и сурово реален. Наградата ја добива „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау – рече Пасалис.

Наградата за најдобра музика ја доби „Каде било кога било“ од Милад Тангшир, за филм што ја користи музиката не како заднина или атмосфера, туку како лик во наративот. Како секогаш присутен ентитет, нотите на музиката го следат протагонистот низ улиците на Торино, исполнувајќи ја сликата со носталгија, убавина и со тага.  За најдобра актерка е прогласена Фереште Хосеини за фасцинантното толкување на модерната Антигона. Делејќи го истото име со својот протагонист, Хосеини отелотворува млада жена сместена во незамисливи услови, која одбива да биде сведена на стереотипи и очекувања за тоа како треба да се однесува еден бегалец, сопруга или жена и инсистира, прв пат во својот живот, да биде сослушана. Без разлика дали во гласните, драматични сцени каде што нејзиниот глас често се крева во очаен обид да се чуе или во тивките срцепарателни крупни планови каде што нејзиниот внатрешен свет е претставен со најсуптилните изрази на лицето, Хосеини владее со екранот и го воздигнува филмот на начин што ни оневозможува да замислиме поинаква актерка на нејзино место. Наградата за најдобар актер, пак, му припадна на Акилас Каразисис за улогата на Такис во филмот „Месо“, кој со прецизност, внатрешна длабочина и со избегнување на клишеата, оживува лик полн со противречности, преговарајќи за нашите очекувања за тоа што прави еден херој или негативец – балансирајќи со финеса помеѓу внатрешните и надворешните сили што го притискаат.

Наградата за најдобар режисер ја доби Уршка Ѓукиќ за филмот „Мали палави девојки“, за креативниот процес на откривање на самиот живот, за храбриот пристап кон разбирањето на сложеноста на младоста преку автентично раскажување што ги комбинира желбата, сексуалноста и верата на динамичен и оригинален начин, режисерот успева да каже многу со малку: нежни гестови, суптилни погледи што изгледаат ситно, но значат сè, фина рамнотежа помеѓу хуморот и копнежот, разочарувањето и надежта.

Специјално споменување на филмот „Каде било кога било“ од Милад Тангшир, кој со документарна вистина, детали и вистинска топлина го прикажува секојдневниот живот на еден имигрант во денешна Европа. Филмот снимен на улиците на Торино го прикажува градот како ветена земја, која, без разлика колку блиску се чини дека се протагонистите до нејзиниот центар, секогаш наоѓа начини да ги оттурне.

Студентското жири ја донесе одлуката наградата „Најдобра медитеранска приказна“ да му ја додели на филмот „Каде било кога било“ на Милад Тангшир, бидејќи овој филм покажува како може безвремените теми моќно да се преосмислат во убедлива приказна што зборува за денешната општествена реалност, подигајќи ја свеста за борбите на имигрантите и нуди свежа перспектива, која ги руши стереотипите.

По доделувањето на наградите, менторите на работилницата за развој на дипломски и на дебитантски краток филм, Александар Русјаков и Дејан Милошевски, и директорот на Фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм, проф.д-р Јани Бојаџи, ги соопштија годинашните добитници на грантовите за развој и продукција на дипломски и на дебитантски краток филм, по што следуваше проекција на филмот „Постојам“ од Јоргос Цимберопулос (Грција).

ИЗДВОЕНИ