И годинава, на авторите на делата кои се изразуваат преку овие ликовни формати и кои оставија најголем впечаток на Уметничкиот совет на ДЛУМ со својата креативност и техника, им беа доделени награди. Авторот Ненад Тонкин доби награда за мал формат, а Давор Кешќец за миниартура. И Културно-информативниот центар, исто така, додели две награди, па така наградата „Вангел Коџоман” отиде во рацете на Никола Смилков за мал формат, а наградата „Константин Мазев-Коце” ѝ беше доделена на Марија Чепишева за мал формат

Во Културно-информативниот центар во Скопје во тек се традиционалните изложби насловени „Мал формат“ и „Миниартура“ на кои со своите дела се претставуваат уметниците, членови на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. И годинава на авторите на делата кои се изразуваат преку овие ликовни формати и кои оставија најголем впечаток на Уметничкиот совет на ДЛУМ со својата креативност и техника, им беа доделени награди.

Авторот Ненад Тонкин доби награда за мал формат, а Давор Кешќец за миниартура. И Културно-информативниот центар, исто така, додели две награди, па така наградата „Вангел Коџоман” отиде во рацете на Никола Смилков за мал формат, а наградата „Константин Мазев-Коце” ѝ беше доделена на Марија Чепишева за мал формат.

Оваа изложба, како и секоја година, привлекува големо внимание токму со форматот на делата, кој претставува предизвик и за самите автори. Како што посочуваат од ДЛУМ, претставени се дела во дводимензионален и тридимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники од членовите на уметничката асоцијација.

„Малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење, бидејќи дава посебно место на јасната идеја, на прецизноста во реализацијата на делата и на актуелноста на понудениот концепт“, велат од ДЛУМ.

Д-р Маја Рауник-Кирков, претседателката на Уметничкиот совет на ДЛУМ, пак, посочи дека и годинава пред јавноста се претставени извонредни дела, а била направена и одлична селекција.

„На двете изложби имаме голем број учесници. Има голем интерес за учество на овие изложби што особено нè радува, бидејќи ова докажува дека уметниците го сметаат ДЛУМ за матична институција која се грижи за нив и организира изложби на кои им дава можност да се претстават“, вели Рауник-Кирков.

Изложбите „Мал формат“ и „Миниартура“ во Културно-иформативниот центар во Скопје ќе бидат отворени за посета до 10 ноември. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ