Победите на пријателските мечеви против репрезентацијата на Швајцарија дополнително ја зголемија самодовербата кај македонските кошаркарски репрезентативци за претстојните претквалификациски дуели против Романија и Унгарија за пласман на СП 2027.
Младиот бек Максим Митевски смета дека во овие неколку дена до почетокот на претквалификациите ќе бидат уште подобри.
- Можам да кажам дека е одлична атмосферата. Имаме голема енергија и големи очекувања, пред сè да покажеме дека Македонија има надеж и потенцијал во нас, младите. Нам ни останува да го дадеме максимумот. Имавме добар подготвителен период, кога на пријателските натпревари против Швајцарија покажавме дека сме на добар пат. Се надевам дека исто така добро ќе мине и остатокот од подготовките. Пред сè од здравствен аспект – истакна Митевски.
Првиот меч од претквалификациите Македонија ќе го одигра на 2 август, во Куманово, против Романија, а седум дена подоцна ѝ гостува на Унгарија.
ФОТО: КФМ