Продолжуваме во ист и уште позасилен ритам на обновување на сообраќајната инфраструктура. Предвидуваме уште најмалу три нови кружни текови. Ќе ги обновиме клучните сообраќајници во градот, ќе ги прошириме тротоарите и ќе создадеме нови велосипедски патеки и пешачки зони, наведува Димитриевски. |
Актуелниот градоначалник на најголемата општина во Македонија Максим Димитриевски влегу во трка за уште еден градоначалнички мандат. Како и порано, тој и сега е убеден дека градот ќе продолжи да расте и да се развива чекор по чекор, но и со рамномерна грижа за сите. За таа цел се и бројни проекти кои се ставен на увид на неговите сограѓани.
Како би ја опишале Општина Куманово и нејзините клучни проблеми во моментов и како ја гледате после 4 години доколку би ја добиле довербата од граѓаните. Подготвени ли сте да се соочите со предизвикот на градоначалничката функција од аспект на ингеренциите и можните блокади и отпори од Советот на Општината во случај на одреден изборен епилог?
– Куманово го менуваме секојдневно во изминатите осум години. Општина во која претходните раководства, што се вели, не пипнале ништо, чест на исклучоци и тоа многу ретки, а притоа ја задолжиле до “гуша“, денес слободно може да ја наречеме една од најперспективните општини во Македонија – погледнато од секаков аспект. И, инфраструктурно, и сообраќајно и економски, и културно и спортски – ние се потрудивме да овозможиме што е можно повеќе предуслови за подобар живот на сите кумановци. Нашата визија е Куманово да остане град на еднакви можности, економски раст и просперитет, место што нуди достоинствен живот за сите генерации – деца, млади, возрасни и највозрасни. Куманово заслужува континуитет. Дали се можни блокади и отпори во Советот. Ние – јас и мојот тим – подготвени на секакво сценарио. Но, да бидам искрен не очекувам такво нешто, бидејќи планирам да имам интензивна и конструктивна соработка со сите советници. Тие се претставници на граѓаните, како и јас. Ќе ги сослушам, сите нивни идеји и сугестии, подготвен сум да ги употребам ако тоа значи реализација на програмата што ја нудиме пред нашите граѓани. Нема да застанам во остварувањето на главната цел – Куманово да продолжи да се менува.
Комуналните проблеми се присутни на подрачјето на Општина Куманово. Каква е состојбата со општинските сообраќајници? Какви планови имате со нив?
– Во изминатите години вложивме многу во реконструкција и правење на нови и модерни сообраќајници. Направивме нови кружни текови, ги проширивме коловозните ленти на повеќе улици и на тој начин успеавме во голема мерка, да го релаксираме сообраќајниот метеж во градот. Треба да се има предвид дека сме најголема општина во државата со над 100 илјади жители. Плус, секојдевно во градот од најразлични причини и мотиви доаѓаат и голем број возила од соседните општини. Но, ние продолжуваме во ист и уште позасилен ритам на обновување на сообраќајната инфраструктура. Предвидуваме уште најмалу три нови кружни текови. Ќе ги обновиме клучните сообраќајници во градот, ќе ги прошириме тротоарите и ќе создадеме нови велосипедски патеки и пешачки зони. Уште повеќе засилено ќе работиме на создавање на нови паркинг места со изградба на катни и монтажни гаражи и зголемување на постоечките паркинзи во градот. На тој начин ќе ја намалиме и фреквенцијајта на возила, особено оние кои кружат во потесниот централен дел во потрага по место за паркирање.
Општина Куманово е специфична по тоа што има бесплатен јавен превоз веќе подолго време. Кога последен пат сте влегле во градски автобус и какво чувство имавте? Какви се ефектите од таа мерка, какви планови имате во иднина со јавниот превоз на подрачјето на општината?
– Ние сме првата општина во државата која воведе бесплатен јавен превоз за сите. И, на тој начин ги изедначивме сите граѓани во нашата општина. Како општина секоја година го субвенционираме и мислам дека луѓето се навикнаа дека веќе не треба да го вадат паричниот и да платат кога се возат. И, тоа е најголемата придобивка. Истото ќе го продолжиме и во иднина. Секако дека ќе работиме на тоа, што поскоро да ги замениме најголемиот дел од возилата, перспективно и сите, со посовремени возила кои ќе го зголемат конфорот на граѓаните за време на превозот. Ќе воведеме и нови линии и ќе го зголемиме интензитетот на поаѓања каде што има потреба. Ќе имаме стојалишта со дигитале возен ред и линии, интернет, ГПС систем, мобилна апликација и поголема присутност. Со една реченица – ќе направиме вистинска модернизација на јавниот превоз.
И општина Куманово е на државната мапа по загаден воздух. Кои се првите и следни долготрајни чекори и мерки што ќе ги преземете за намалување на аерозагадувањето. Кои се точките на кои ќе се фокусирате?
– Не можеме да бидеме неми сведоци на нешто што ги мрачи граѓалните во целата држава години назанад. Животната средина е заеднички дом на сите нас. Дишеме ист воздух, делиме ист простор и заеднички сме одговорни за истата иднина. Нашата примарна цел е да ја подигнеме еколошката свест и да создадеме зелена и чиста општина, во која секој граѓанин ќе има можност за здрав живот. Особено треба да се бориме за спречување на загадувањето на воздухот, но и водата и почвата.
Мора да се водиме од Стратегијата за климатски промени и да реализираме серија мерки во согласност со неа. Тоа значи соларни панели и енергетско-ефикасни фасади со што ќе се намали потребата од алтернативни извори на гориво за греење што, по дефиниција, значат и потенцијално загадување. Во тој контекст, максимално ќе работиме на ширење на секундарната гасоводна мрежа, а ќе го намалиме и надоместокот за приклучок, со што ќе ги мотивираме граѓаните што помасовно греењето на дрва, да го заменат со она на гас. Ќе ги продолжиме и зголемиме и субвенциите за користење на клима уреди, ќе имаме мониторинг на загадувањето на воздухот во реално време. И, се разбира, ќе работиме максимало на проширување на, т.н. “произведувачи на кислород“ – што повеќе зелени површини и дрвореди кои се од суштинска важност во секое населено место.
Имате ли лек за дивите депонии по Општината? Вие ги расчистувавте во изминативе години но тие постојано никнуваат…
– За жал, во изминатиот период исчистивме над 150 диви депонии. Но, како што и вие велите тие постојано никнуваат. Ги чистевме и речните корита, но тоа не може да биде еднаш засекогаш. Ќе спроведуваме повторно акции за чистење расчистување на ваквите депонии и речните корита и појасот околу нив.
Но, многу поважно е, веќе реков, да работиме на подигнување на еколошката свест кај грааѓаните. Да го фрлаат отпадот на точно одредено место, да го селектираат или да ја почитуваат процедурата што како опшина ја имаме пропишано за дислокација на градежен шут или голем т.н. кабаст отпад. Ќе спроведуваме и поригорозни контроли и санкции за тие што нема да почитуваат.
Ако успееме во ова, верувајте нема сега да зборуваме за диви депонии. Во спротивно, секој ден да имаме екипи на терен (а ги имаме), повторно ќе бидеме сведоци а создавање на нови депонии.
Како гледате на состојбата со урбанизмот во Општината? Тече изработката на Генералниот урбанистички план за општина Куманово, што се тој ќе содржи, во која насока ќе се развива Општината според него? На кои приципи треба да почиваат ДУП- овите, треба ли да има нивно преиспитување. Имате ли тајна формула за решавање на урбанистички проблеми?
– Нема тајна формула. Има транспарентност во постапката од почеток до крај и активно учество на граѓаните во неа. Плановите се прават во интерес на граѓаните и само граѓаните. Во нив ќе има современи урбанистички решенија и модерна инфраструктура. Куманово ќе продолжи да се развива во поуреден, подостапен и пофункционален град.
Мора да создадеме и тоа го правиме, средина во која секој граѓанин ќе има пристап до квалитетен јавен простор. Куманово мора да се развива организирано, планирано и во интерес на граѓаните – за да остане град со јасна визија и стабилна иднина. Затоа, во тек е процесот за нов Генерален урбанистички план, со кој дефинитивно ќе имаме поширок плански опфат и урбанизирање на населбите: Карпош, Ајдучка Чешма, Иго Тричковиќ, Говедарски Пат и Железничка Станица. Тоа подразбира и ширење на градскиот опфат со нови урбани блокови и наменски зони планирани за домување. Ќе отстрануваме времени објекти, ќе дислоцираме монтажни гаражи, се во интерес јавниот простор да биде максимално пополнет со содржини што се исклучиво во интерес на граѓаните. Ќе санираме плоштади, ќе има нови урбани скверови, ќе се уреди речното корито, изворите за минерална вода во село Проевце. Конечно ќе го смениме урбаниот лик на локалитетот Чоробанско Ќоше со изградба на нов административно-деловен комплекс со голем подземен паркинг. Ќе направиме и серија други нешта со кои ќе покажеме дека Куманово се менува, ама се менува и урбано се развива плански.
Како ќе го решите проблемот со бездомните животни (кучиња, мачки…) кои се присутни и прават проблеми на подрачјето на општината?
– Организирано собирање, вакцинирање и хуман третман кон нив од почеток до крај. Предвиден ни е и Стационар за кучиња – скитници во кој тие ќе бидат вистински згрижени. Се разбира и обид за нивно вдомување кај сите граѓани кои тоа сакаат да го направат. Знаете, јас обожувам животни, чувам миленичиња и сум еден од тие што има припитомено и вдомено улично куче. И, без него да го видам и макар поиграм малку, не можам да си го замислам денот. Колку и да имам обврски. Затоа, апелирам – кој сака, кој може да вдоми некое од бездомните животни. Би било и убаво за него, но и корисно за заедницата. Се останато, како што веќе реков, како општина, ќе го решаваме системски и хумано. И граѓаните да се чувствуваат безбедно и животните да бидат згрижени.
Ако на младите светот останува, а тие се почесто се отселуваат кој е вашиот концепт за нивно задржување во Општината? На кој начин треба да се организира забавниот живот во градот?
– Студентите и младите се иднината на Куманово. Тие носат нова енергија, идеи и визија за подобро утре. Општината е и продолжува да биде партнер на младите, со поддршка во образоанието, со можности за практично искуство, за културен и спортски развој, како и за охрабрување на нивното претприемништво и иновации. Со вложување во младите, ние вложуваме во модерно и европско Куманово, каде младите ќе имаат причина да останат и да градат своја иднина.
Ние во изминатиот период организиравме над 200 културни настани, постојано ги поддржувавме спортските клубови и натпреварувања и други рекреативни содржини. Планираме уште побогат културно-забавен живот – со фестивали, поддршка на концерти и соло настапи. Ќе формираме младински театар, ќе ги поддржиме сите музичко-сценски настапи на нашите млади сограѓани, ќе има адреналински парк, нов технолошки и интеркултурен центар. Куманово од секогаш било место во кој културно-забавниот живот бил квалитетен. Имаме намера тоа да го задржиме и да го подигнеме.
Граѓаните имаат големи поплаки за состојбата на Општинските гробишта – од нехигиената преку неодржувањето на просторот па се до високите цени. На кој начин сметате дека овој проблем треба да се реши?
– Предвидено ни е во програмата – изградба и уредување на просторот наменет за нови Градски гробишта со соодветна инфраструктура, како и изградба на нова капела. Но, и реконструкција на постојната капела, како и проширување на постојните муслимански гробишта. Ќе направиме се граѓаните кои сакаат да се простат од свој близок – семејно или како пријател, таквиот длабоко личен чин да го направат и таму да доаѓаат и да се навраќаат во достоинствени услови. Граѓаните тоа го заслужуваат – ние тоа ќе го овозможиме.
Кои од досега изнесените идеи на вашите противкандидати најмногу ви се допадна, дали ќе ја преземете во програмата? Дали во вашиот кабинет, доколку бидете изгласани ќе има место и за нив?
– Програмата на Движењето ЗНАМ за Куманово што ја промовираме деновиве, ги опфаќа сите аспекти, теми и проблеми кои треба да се надминат и реализираат. А, јас може да ветам дека ќе ја исполниме, што велиме ние кумановци – од А до Ш. Со неа убеден сум дека Куманово ќе продолжи да расте и да се развива чекор по чекор, но сигурно и со рамномерна грижа за сите. Заедно ќе создадеме општина каква што ни е потребна, општина што нуди, стабилност и достоинствен живот за сите. Секој кој што му мисли добро на градот со идеи и предлози, вратата кај мене му е отворена да поразговараме и да размениме мислење. Куманово ќе продолжи да се менува на подобро!
Зачестено миење на улиците, чистење на речните корита, контејнери…
Јавната хигиена е еден од клучните проблеми на Општината. Како да се надмине тој проблем? Треба ли и каква реорганизација на ЈП „Чистота и зеленило“? Каква е состојбата со опремата и механизацијата?
– Во нашата програма планираме сериозно зголемување на капацитетот на ЈП “Чистота и зеленило“. Тоа подразбира и негова реорганизација, но и со зајакнување на буџетот за одржување на хигиената. Возниот парк во вид на цистерни, метларки и останати возила наменети за хигиена, ќе биде зголемен, а нивната употреба, како и досега, ќе се трудиме да биде навремена и ефикасна. Тоа значи зачестено миење на улиците и плоштадите, контуирано чистење на речните корита, поголем број на контејнери и корпи за отпадоци и, многу важно, континуитет на кампањи со кои ќе се подигнува јавната свест за заштита на животната средина, со поддршка на невладини организации и активисти – волонтери. Едноставно – ние како општина ќе се грижиме за Куманово максимално, ги повикуваме и граѓаните да учествуваат во тоа. (Б.Ѓ.)