Францускиот возач Исак Хаџар (21) ќе вози за Ред бул во Формула 1 шампионатот следната година, објави австрискиот тим. Тој моментно е возач на Рејсинг булс, вториот тим на Ред бул, а ќе биде заменет од дебитантот Арвид Линдблад, кој оваа година се натпреварува во Формула 2 за Кампос рејсинг.
- Многу сум му благодарен на Ред бул што ми даде можност и доверба да се натпреварувам на највисоко ниво во Формула 1. По целата напорна работа што ја вложив откако му се приклучив на јуниорскиот тим, ова е толку голема награда. Имав многу подеми и падови во текот на мојата кариера, а тие секогаш веруваа во мене и ме поттикнуваа – рече Хаџар за веб-страницата на Формула 1.
Покрај Хаџар, четирикратниот светски шампион, Макс Верстапен, исто така ќе вози за Ред бул следната година, додека Лиам Лосон ќе вози за Рејсинг булс.
Поранешниот возач на Ред бул, Јуки Цунода, ќе биде резервен возач во Ред бул и во Рејсинг булс следната година.









