Четирикратниот шампион во Формула 1, Макс Верстапен, изјави дека не размислува за промена на тимот и дека има намера да остане во Ред бул до истекувањето на неговиот договор во 2028 година, ставајќи им крај на сите шпекулации за негово заминување.
Во интервју за швајцарскиот весник „Блик“, тој јасно стави до знаење дека нема намера прерано да го напушти Ред бул, и покрај шпекулациите што беа особено распространети во текот на првата половина од сезоната 2025, кога често се споменуваше за негов можен трансфер во Мерцедес.
Тој истакна дека не успеал да ја активира клаузулата за предвремено раскинување на договорот и дека дефинитивно ќе вози за Ред бул во сезоната 2026, а и понатаму.
- Имам 28 години и имам договор до крајот на 2028 година. Сакам да го исполнам. Во оваа фаза, целосно ја отфрлам можноста за промена на тимот – рече Верстапен.
Тој додаде дека ќе му недостига Хелмут Марко, неговиот долгогодишен ментор, кој повеќе нема да ја има истата улога во тимот.
- Штета што нема да го имам Хелмут покрај мене, ќе ми недостига – призна Холанѓанецот.
Верстапен, исто така, се осврна на силниот кам-бек на Ред бул во втората половина од сезоната 2025.
- Горд сум затоа што никој не веруваше дека можеме да се вратиме по сè што се случи во тимот. Пред последниот спринт, бев 104 бода зад лидерот – рече Верстапен, кој ја заврши сезоната со само два бода зад шампионот Ландо Норис.











