Францускиот претседател Емануел Макрон го привлече вниманието на јавноста за време на говорот на Светскиот економски форум во Давос кога носеше темни, рефлектирачки пилотски очила.

Овие очила на Емануел Макрон го привлекоа вниманието на јавноста, а корисниците на социјалните мрежи дебатираат за неговиот „Топ Ган“ изглед  откако го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за Гренланд за време на говорот во Давос.

Обраќајќи се пред глобалната елита на годишниот Светски економски форум во швајцарското планинско одморалиште Давос, францускиот претседател во вторник носеше темни, рефлектирачки очила, за кои францускиот луксузен бренд „Хенри Жулиен“ рече дека му биле подарени во 2024 година.

Кабинетот на Макрон објави дека одлуката за носење очила за време на говорот, кој се одржа во затворен простор, е донесена за да ги заштити неговите очи поради пукнат крвен сад. Тие не ја потврдија марката на очилата, објавува Ројтерс.

По говорот, мемите, коментарите и шпекулациите за изгледот на Макрон брзо се проширија на социјалните мрежи: некои од неговите поддржувачи го пофалија стилот, додека противниците го отфрлија како помпастичен или шпекулираа за неговото здравје.

Еден „мем“ наречен „Дуел во Давос“, беше направен како пародија на филмот „Топ Ган“: Макрон и Трамп се гледаат, двајцата во воени униформи за летање, при што Макрон – кој изгледа многу мал покрај Трамп – носи преголеми пилотски очила.

 

Според податоците на Google Trends, глобалните пребарувања за очила „Henry Jullien“ исто така се зголемија, достигнувајќи врв околу 7 часот наутро во среда. Портпаролот на брендот изјави дека компанијата добива невообичаено голем број повици.

Француската луксузна компанија, во сопственост на италијанската група iVision Tech, изјави дека моделот што го носи Макрон е Pacific S 01, а на нивната веб-страница чини 659 евра. Акциите на iVision Tech пораснаа за речиси 6 проценти во среда.

ИЗДВОЕНИ