Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека се залага за организирање мировен самит помеѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин на „неутрално тло“. Како идеална локација ја посочи Швајцарија, а особено градот Женева, пренесуваат странските медиуми.
Макрон смета дека на масата за преговори, покрај Зеленски и Путин, треба да седат и клучни европски лидери.
Во интервју за француската телевизија LCI, Макрон потврди дека веќе денес ќе започне подготовка на конкретен предлог за сигурносни гаранции за Украина.
„Ќе создадеме коалиција на подготвени заедно со британскиот премиер Кир Стармер за да ја информираме јавноста. Паралелно, ќе работиме со Американците за да видиме кој е подготвен и на кој начин да придонесе“, најави францускиот претседател.
Тој нагласи дека мирот не смее да биде капитулација на Киев:
„Украина ќе направи отстапки кои ги смета за фер и корисни. Но, овој мир не може да биде капитулација – тоа би било трагично и за Украина и за Европејците.“