Францускиот претседател Емануел Макрон ќе престојува во официјална посета на Кина од 3 до 5 декември на покана на кинескиот претседател Си Џинпинг, објави денес портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.
Елисејската палата пред неколку дена објави дека Макрон ќе ги посети Пекинг и Ченгду во Сечуан за време на неговата посета на Кина од 3 до 5 декември, објави „Ле Фигаро“.
Во соопштението се вели дека Макрон и Си ќе разговараат за клучни економски и дипломатски прашања меѓу двете земји.
Се нагласува дека Макрон ќе се залага за агенда на соработка и рамнотежа во економските и трговските прашања за време на неговата посета на Кина, што ќе биде главно прашање за француското претседателство со Г7 во 2026 година.
„Во оваа прилика, ќе се дискутираат главните предизвици на стратешкото партнерство меѓу Франција и Кина, како и неколку важни меѓународни прашања и области на соработка за справување со глобалните предизвици на нашето време“, се вели во соопштението.
Ченгду, во централна Кина, е дом на центар за заштита на животните каде што минатата недела беше вратен единствениот пар џиновски панди што претходно беа сместени во Франција во зоолошката градина Бовал во Лоара-е-Шер.
Кинеската амбасада во Париз вети дека нови џиновски панди ќе пристигнат во Франција.
Макрон последен пат ја посети Кина во април 2023 година, додека Си ја посети Франција во мај 2024 година, објави Танјуг.












