
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во интервју за „Еј-би-си њуз“ во неделата изјави дека е отворен за можноста Владимир Путин да ја преземе улогата на посредник меѓу Израел и Иран.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија нема кредибилитет да посредува во конфликтот меѓу Израел и Иран, што го предложи американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп во интервју за „Еј-би-си њуз“ во неделата изјави дека е отворен за можноста Владимир Путин да ја преземе улогата на посредник меѓу Израел и Иран. Макрон јасно ја отфрли таквата идеја, објави Хина.
„Не верувам дека Русија, која моментално е вклучена во конфликт со висок интензитет и со години ја игнорира Повелбата на ОН, може да биде посредник“, рече Макрон.
Тој, исто така, нагласи дека Франција не учествувала во ниту еден од израелските напади врз Иран.
Макрон го посети Гренланд пред да се упати кон Канада на самитот на Г7. Трамп претходно се закани дека ќе ја преземе контролата врз богатиот и стратешки важен остров, автономна данска територија.
Макрон предупреди дека островот е изложен на „предаторска амбиција“ и рече дека неговата ситуација е предупредување за сите Европејци, иако се сомнева дека САД всушност ќе го нападнат Гренланд.
„Гренланд не е на продажба и не може да се земе“, рече тој, додавајќи дека претходно разговарал со Трамп и дека повторно ќе ја отвори темата за Гренланд на самитот на Г7. Тој рече дека сè уште верува дека САД „остануваат посветени на НАТО и клучните историски сојузи“.
Според анкетата на Францускиот институт за јавно мислење (IFOP), 77 проценти од Французите и 56 проценти од Американците се против анексија на Гренланд од страна на САД, а 43 проценти од Французите би поддржале користење на француската војска за да се спречи инвазија на островот.
Данската премиерка Мете Фредериксен го посети Париз неколку пати по заканите на Трамп дека ќе побара поддршка од Франција и Европа, а Копенхаген оттогаш нарача француски противвоздушни ракети.