Макрон го замоли Лекорни повторно да преговара со партиите во следните 48 часа

112

Францускиот претседател Емануел Макрон го замолил премиерот во заминување Себастијан Лекорни да одржи уште една рунда разговори со политичките партии до среда вечер за да се најде излез од политичката криза, објави Франс 24.

Одлуката е донесена неколку часа откако Лекорни поднесе оставка од функцијата премиер, само 27 дена по преземањето на функцијата.

По средбата со претседателот, Лекорни објави дека го прифатил барањето на Макрон за разговори за решавање на сегашната политичка криза.

„Во среда навечер ќе му кажам на претседателот дали е можно или не, за да може да ги извлече сите потребни заклучоци“, рече Лекорни.

Макрон по средбата со Лекорни изјави дека е подготвен да „преземе одговорност“ доколку премиерот во заминување не успее да постигне договор во парламентот во следните 48 часа.

Со таа порака, Макрон како да навестува дека ќе го распушти Националното собрание, велат аналитичарите.

Лидерката на Зелените, Марин Тонделие, ја осуди одлуката на Макрон повторно да го замоли премиерот во заминување да разговара со парламентарните партии.

„Сето тоа е малку тажно. Ова се навистина последните пораки од политичкиот свет кој се урива и се држи како школка за својата карпа“, им рече Тонделие на новинарите.

ИЗДВОЕНИ