Елисејската палата синоќа потврди дека претседателот Емануел Макрон ќе именува нов премиер „во наредните денови“. Тој ќе го наследи Франсоа Бајру, откако повеќе од 350 пратеници изгласаа недоверба кон него и француската влада.
Франсоа Бајру беше сменет со гласање недоверба по само девет месеци на функцијата, со што неговата малцинска влада беше соборена и Франција е турната во нова политичка криза. Бајру, (74), ќе му ја предаде својата оставка на Макрон, неговиот долгогодишен центристички сојузник, во вторник наутро, пишува Гардијан.
Макрон сега се соочува со предизвикот да го именува својот трет премиер за една година, а неговиот петти од почетокот на неговиот втор мандат во 2022 година. Неговиот кабинет соопшти дека одлуката ќе биде донесена „во наредните денови“.
Бајру беше сменет откако 364 пратеници гласаа против владата, додека само 194 гласаа за доверба. Самиот Бајру го нарече гласањето последен обид да се обезбеди парламентарна поддршка за мерките за штедење за намалување на јавниот долг.
Макрон, како шеф на државата задолжен за надворешна политика и национална безбедност, директно го назначува премиерот да ги води внатрешните работи. Сепак, од минатогодишните избори, ниту една партија немаше апсолутно мнозинство во Националното собрание, што создаде политички ќорсокак и несогласувања околу буџетот. Затоа е неизвесно дали ќе опстане и новиот премиер.
Франција се соочува со протести во среда, организирани преку интернет од движењето „Блокирај сè“, што ќе доведе до затворање на патишта, училишта и бизниси. Потоа ќе следи штрајк во јавниот сектор.
За Макрон, приоритет сега е да назначи премиер кој ќе може да го протурка буџетот за 2026 година.