Во Градот на Светлината, под блесокот на свечените лустери на Елисејската палата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на вечерата што ја приреди францускиот претседател Емануел Макрон во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Гестот на францускиот домаќин — бакнувањето на раката на македонската претседателка — стана симбол на заемна почит и дипломатска елеганција. Но, зад протоколот и блескотот, вечерта ја одбележаа сериозни теми: мирот, вистината и борбата против дезинформациите што ја разнишуваат основата на демократијата.
– Вчеравечер присуствував на свечената вечера приредена од францускиот претседател, Емануел Макрон, во чест на високите гости на Парискиот мировен форум. Во пријатна атмосфера водевме разговори насочени кон зајакнување на глобалниот мир. Само преку заемна почит и разбирање можеме да создадеме услови за напредок и за побезбедна иднина за сите, објави претседателката Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.

Сиљановска-Давкова се согласува со претседателот на Франција, Макрон кој, како што наведува, на #ParisPeaceForum2025 укажа на заканата од лажните информации кои со креирање на радикални наративи ги нарушуваат демократските процеси.
– Почитувањето на националниот и на културниот идентитет, солидарноста, владеењето на правото и на човековото достоинство, како основна цел на ЕУ, можат да бидат постигнати само со соодветни информации што нема да бидат под влијание од профитно базираните алгоритми на социјалните мрежи и лажните профили кои ја уништуваат јавната дебата и ја загрозуваат демократијата, напиша Сиљановска-Давкова.
Парискиот мировен форум, основан во 2018 година, e меѓународна платформа за унапредување на глобалното управување, мирот и мултилатералната соработка.
Претседателката Сиљановска-Давкова, во рамки на нејзиното учество на осмиот Париски мировен форум, имаше и свое обраќање на посебниот панел „Важноста на регионалната соработка на Балканот за идните генерации“. Таа порача дека Македонија многупати се соочи со кршење на европските принципи од страна на некои ЕУ-членки. Македонската претседателка побара почитување на Копенхашките критериуми, наместо користење на процесот на зачленување во ЕУ за ревидирање на историјата.
–Многупати сме се соочиле со кршење на принципите од страна на некои членки на ЕУ. Зошто? Затоа што ни се закануваат со вето „ако не го промените Уставот“ или „ако не го направите ова или она, нема да станете членка на ЕУ“. Мојот предлог или препорака е секогаш: Да се обидеме да бидеме малку како Скандинавците бидејќи Шведска, Норвешка и Финска дадоа толку силна поддршка за балтичките држави, па затоа сум навистина изненадена. Очекувам разбирање од соседите и поддршка од членките, но тоа не се случува. Значи, веќе споменав двојни стандарди. Мислам дека ЕУ мора да ги потсети членките на Копенхагенските критериуми бидејќи тоа е она што ни треба мене, на моите студенти, на младите ‒ владеење на правото, поделба на власта, независно судство, процес на донесување одлуки во силни институции, партиципативна политичка култура, либерална економија. Тоа се принципите што нам ни се очајно потребни. Но, користењето на членството во ЕУ за ревидирање на историјата е спротивно и на основните правила, основните принципи и вредности на ЕУ, но и на нашите устави, и тоа е спротивно на Повелбата на ООН, а исто така и на основните документи на ООН, порача македонската претседателка.
Таа потсети дека во 2017 година беше потпишан Договорот за добрососество со Бугарија, а во 2019 година, Македонија го смени не само Уставот, туку и нешто што никогаш не е сменето ‒ името.
– Сега, повторно, мора да го смениме Уставот, тоа е барањето, ако сакаме да започнеме преговори. Сите нè потсетуваат на pacta sunt servanda дека навистина мора да ги почитуваме двата договора. Дозволете ми да ви кажам нешто. Постои член 7 во Преспанскиот договор кој вели: терминот Македонија за втората страна, безимена страна, значи територија, народ со сопствена историја, култура и јазик. А сега мора да разговараме со Бугарија за нашата историја, култура и јазик. Немам одговор, навистина. Доколку постои Договор за добрососедство и пријателство, Ве молам обидете се да го проверите овој Договор за добрососедски односи и пријателство. Нема член за промена на Уставот, но сега мора да го промениме Уставот. И замислете, ова барање е вклучено во преговарачката рамка и во заклучоците за нас. Значи, навистина, како да кажам, in dubio res, истакна Сиљановска-Давкова.
Македонската претседателка се повика на обраќање на Макрон во Сорбона лани, во коетој рече дека „ЕУ не е само бирократска или политичка машинерија, туку ЕУ е филозофија“.
– Ве молам, обрнете внимание на Договорот за ЕУ, на Преамбулата, алинеја 6, во која се вели дека ЕУ ги почитува националниот и културниот идентитет на државите и на народите. Исто така, дека ЕУ е единство што ја почитува различноста. Потоа, член 4, кој вели дека ЕУ ги почитува уставните структури. Исто така, една одредба во членовите на Преамбулата вели дека ЕУ го почитува достоинството и интегритетот. Исто така, дека ЕУ ги охрабрува членките на ЕУ да склучуваат или да потпишуваат договори со соседите врз основа на принципот на реципроцитет. Дури и да постои посветеност на принципите и на вредностите од Лисабонскиот договор, член 7 вели дека во случај на кршење на основните принципи и вредности од страна на членките на ЕУ, една третина од пратениците во Парламентот или Комисијата би можеле да поведат постапка пред Европскиот совет. Зошто? Да се суспендираат или да се ограничат правата на земјата што ги крши принципите, нагласи македонската претседателка.












